Зимско невреме ги погоди САД, поради што фирмите и училиштата се затворени низ Дакота, Минесота и Висконсин. Речиси 5 000 американски летови се откажани денеска, јавува Би-би-си.

Додека околу 75 милиони луѓе во 29 држави се под предупредување за зимско време, се предвидува дека делови од источниот дел на САД ќе доживеат рекордно високи температури.

Метеоролозите предвидуваат силни налети на ветер чија брзина ќе достигне 80 km/h, додека поради студениот ветер во некои делови на САД температурите би можеле да паднат и до -45 Целзиусови степени.

Во северните држави, прогнозите за половина метар снег во некои делови може да значат дека областите ќе ги издржат најобилните снежни врнежи во последните 30 години. Гувернерот на Минесота Тим Волц, рече дека Националната гарда ќе биде на располагање да им помогне на возачите заглавени во снежната бура.

„Ова е потсетник да останете дома и да го ограничите патувањето ако е можно“, предупреди утрово Одделот за транспорт на Јута.

Метеоролозите рекоа дека бурата може да создаде леден појас долг 1 200 милји (2 092 километри), од Небраска до Њу Хемпшир.

Во Лос Анџелес, Калифорнија, каде што е нормално сончево и топло, ќе врне снег, а во планините и во подножјето на Вентура ќе дува силен ветер.

„Цела Калифорнија може да види снег подоцна оваа недела“, напиша на Твитер Дејвид Свејн, климатолог од Универзитетот во Калифорнија – Лос Анџелес.

За разлика од западниот дел на земјата, во делови од источниот дел на САД ќе има високи температури. Температурите во Орландо, Флорида би можеле да достигнат 32 Целзиусови степени, а во Луизијана, Њу Орлеанс до 29 степени.