Македонската кик бокс репрезентација оствари извонреден настап на ВАКО Балканското првенство кое се одржа од 29 до 31 мај во Нови Сад, Србија, освојувајќи вкупно 66 медали – 13 златни, 25 сребрени и 28 бронзени одличја.

Македонија на шампионатот настапи со делегација од 108 лица, составена од 75 натпреварувачи, 27 тренери, 4 судии и 2 официјални лица, претставувајќи една од најбројните национални селекции на првенството.

Покрај освоените медали, дополнително признание за квалитетот на македонските натпреварувачи претставуваат и шестте пехари за најуспешни натпреварувачи во своите категории, кои им беа доделени на:

Томи Андонов – најдобар помлад јуниор на ринг во дисциплината К1;

Калин Бабовски – најдобар постар јуниор на ринг во дисциплината лоу кик;

Андреј Смилевски – најдобар постар јуниор на ринг во дисциплината К1;

Леа Бошевска – најдобра сениорка на татами во дисциплината кик лајт;

Исмаил Туркер – најдобар јуниор на татами во дисциплината кик лајт;

Ринор Јахии – најдобар постар кадет на татами во дисциплината кик кајт.

Дополнителна чест за македонскиот кикбокс претставува и фактот што претседателот на ВАКО Балканската федерација и претседател на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко, беше одликуван со благодарница за вредната поддршка, учество и придонес во успешната организација на ВАКО Балканското првенство.

Воедно, тимот на македонската репрезентација доби и посебно признание за вреден придонес и учество во тимските активности, посветеност, тимски дух и заложба кон постигнување на заедничките цели, што претставува уште една потврда за професионалноста, единството и угледот што македонскиот кик бокс го ужива на балканско ниво.

Претседателот на КМФМ, Дејан Митровски – Урко, по завршувањето на првенството изрази задоволство од постигнатите резултати, упатувајќи честитки до сите натпреварувачи, тренери, судии и клубови кои дадоа свој придонес во овој голем успех.

„Освоените 66 медали, шестте индивидуални признанија за најдобри натпреварувачи и признанијата што ги добија нашата федерација и репрезентација се доказ дека македонскиот кик бокс континуирано напредува и се наоѓа на вистинскиот пат. Горди сме на сите наши спортисти кои достоинствено ја претставија Македонија и покажаа дека припаѓаат во самиот врв на балканскиот кикбокс“, истакна Митровски.
Со овој резултат, македонската репрезентација уште еднаш потврди дека претставува еден од најзначајните спортски амбасадори на државата, сериозен фактор на балканската кикбокс сцена и национален спорт број 1 во нашата земја.