По вчерашните избори, Италија веројатно ќе ја добие најдесничарската влада по Бенито Мусолини и поствоена Европа и по првпат ќе има жена на премиерската функција. Првичните резултати покажаа дека лидерката на партијата Браќа на Италија, Џорџа Мелони со нејзината конзервативна коалиција победи на парламентарните избори. Дел од нејзината коалиција се и десничарската Лига на Матео Салвини и Напред Италија на експремиерот Силвио Берлускони.
По објавата на првичните резултати, пристигнаа и првичните реакции од меѓународната сцена, засега главно од десничарските политичари кои ѝ честитаа на Мелони.
Лидерката на француската крајнодесничарска партија Национален фронт, Мари Ле Пен, во честитката рече дека Мелони и Салвини се спротивставиле на заканите на антидемократската и арогантна ЕУ.
„Италијанскиот народ одлучи да ја земе судбината во свои раце со избирање на патриотска и суверена влада. Им честитам на Џорија Мелони и Матео Салвини што се спротивставија на антидемократската и арогантна ЕУ извојувајќи ја оваа голема победа“, вели Ле Пен која е меѓу првите што честиташе.
Во Франција реакција стигна и до спротивниот табор на Ле Пен, премиерката Елизабет Борн, која во мај беше избрана за функцијата од претседателот Емануел Макрон.
„Не сакам да го коментирам демократскиот избор на италијанскиот народ. Сега претседателот треба да назначи премиер…“, рече Борн.
Од Унгарија, каде што на власт е десничарот Виктор Орбан, се огласи неговиот политички директор, Балаш Орбан.
„Честитки до Џорџа Мелони, Матео Салвини и Силвио Берлускони за победата. Во овие тешки моменти, повеќе од кога било, ни се потребни пријатели што споделуваат заедничка визија и пристап за предизвиците со кои се соочува Европа“, напиша тој на Твитер.
Со честитка се јави и лидерот на националконзервативната партија Вокс во Шпанија, Сантијаго Абаскал.
„Џорџа Мелони го покажа патот кон горда и слободна Европа на суверени нации кои може да соработуваат за безбедност и просперитет на сите“, напиша лидерот на шпанските конзервативци.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки, кој доаѓа од конзервативната партија Право и правда, пак, упати само пратка честитка на Фејсбук: „Голема победа! Честитки“.