На 09.01.2023, повеќе медиуми ги пренесоа изјавите на Николај Патрушев, секретар на Советот за Безбедност на Руската федерација, дека „Настаните во Украина не се конфликт меѓу Москва и Киев…“ и „Ние не војуваме против Украина, бидејќи не можеме да го мразиме обичниот украински свет“.
Но, овие тврдења на Патрушев се очигледни невистини. Како што истакнува и Полиграф.инфо, „Русија изврши инвазија врз Украина во февруари и покрај недостатокот од веродостојна закана од Украина и од НАТО“. Ваквите изјави на руските претставници се оценети како „лажни рационализации за нивната војна“.
Исто така, порталите Антропол и Вечер ја пренесоа изјавата на Патрушев дека „Русија со специјална воена операција ги ослободува своите региони од окупација…“.
Но, во резолуција на Генералното Собрание на ОН се наведува дека „Регионите на Украина Донецк, Херсон, Луганск и Запорожје се подрачја кои, делумно, се или биле под привремена воена контрола на Руската федерација, како резултат на агресија, која го повредува суверенитетот, политичката независност и територијалниот интегритет на Украина“.
Оттаму, и изјавата на Патрушев дека Русија ослободува свои региони од окупација е очигледна невистина. Русија навлегува во границите на Украина, кои самата ги признала со договорот за руско-украинската државна граница потпишан во 2003 од страна на Путин.
Ова не е првпат Патрушев да шири дезинформации. Во мај 2022, тој без никакви докази тврдеше дека „Полска веќе тргнува во акција за окупација на западноукраинските територии“, што се покажа како невистина.
Медиумите имаат обврска да објавуваат проверени информации, и затоа не треба да шират дезинформации од руски официјални претставници, кои изнесуваат очигледни невистини во функција на нивната пропаганда.
Превземено од СМК.мк