Храбрите политики ја внесоа Македонија во НАТО, кукавичките ја држат сега во место, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање.

Филипче потенцираше дека Преспанскиот договор затвори едно крупно, повеќедецениско прашање – спорот за името со Грција и отвори перспектива за државата, безбедноста и економскиот развој.

„Преспанскиот договор затвори едно прашање, повеќедецениски спор за името со Грција. Ние сега, од оваа временска дистанца, осум години сме земја членка на НАТО, дел од најмоќниот воен сојуз, нешто што поттикнува и инвеститори да дојдат да инвестираат во земјата, што видовме за време на нашите мандати. За жал, сега оваа власт тоа не го прави, не го практикува, едноставно немаат капацитет да ја водат и економијата како што треба“, рече Филипче.

Во одговорот, Филипче посочи дека денес, од оваа временска дистанца, со право се поставува вистинското прашање – каде ќе беше Македонија денес ако спорот со Грција беше решен многу порано.

„Каде ќе бевме сега ако тој повеќедецениски спор со Грција беше решен на почетокот на 90-тите години? Дали ќе бевме во рангот на една Словенија, а сум прилично сигурен дека ќе бевме. Со сите проблеми со кои што сега се соочуваме, едноставно немаше да треба да се соочуваме. Тоа е само уште еден аргумент во прилог на тоа дека храбрите државнички политики се тие кои што ни требаат. Не ни требаат политичари, кукавици, како што сега седат во Владата, кои што се грижат само за сопствениот интерес“, рече Филипче.

Текстот Филипче за Преспанскиот договор: Храбрите политики ја внесоа Македонија во НАТО, кукавичките ја држат сега во место е превземен од МАКФАКС.