Премиерот Христијан Мицкоски очекува Македонија да добие дополнителни 75 милиони евра во рамките на Планот за раст на Европската Унија.

По состанокот со европските лидери во рамките на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, тој рече дека со колегите од регионот и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и еврокомесарката за проширување Марта Кос, станало збор за таканаречениот „top-up“, односно дополнување на финансискиот пакет во рамките на Реформската агенда. Според Мицкоски, Македонија очекува зголемување од 10 проценти на веќе предвидените 750 милиони евра.

Станало збор и за приклучување кон европскиот модел „Roam Like at Home“, пришто Мицкоски истакна дека следува целосна имплементација на проектот, со што македонските граѓани ќе можат да користат телекомуникациски услуги во земјите на ЕУ по домашни тарифи.

[embedded co te t]

Во однос на евроинтегративниот процес, Мицкоски порача дека Македонија продолжува со реализацијата на реформските проекти, посветеноста на Владата останува, но дека е време да се стави крај на билатерализацијата на процесот и да се разговара за заслугите и постигнатите резултати. Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да ги брани своите аргументи.

По состанокот со европските лидери, Мицкоски го продолжи учеството на Самитот ЕУ – Западен Балкан со работна вечера.

Претходно денеска, при пристигнувањето на Самитот, Мицкоски појасни дека дополнителните 75 милиони евра ќе бидат ставени на располагање, но дека за нивно искористување земјата ќе треба да исполни дополнителни обврски.

Тој, исто така, посочи дека Македонија е првата земја што го завршила формалниот технички дел од процесот за приклучување кон европскиот модел за роаминг.

Во однос на билатералните прашања и уставните измени, премиерот повтори дека позицијата на Владата останува непроменета. Тој нагласи дека Владата е подготвена за разговори, но дека најпрво треба да се постигне договор за Акцискиот план за малцинствата, за кој, според него, 26 земји членки немаат забелешки, а само една се противи.