Аце Велковски го критикуваше премиерот Христијан Мицкоски за најавената турнеја низ градовите, во рамки на која ќе се среќава со партиското членство, обвинувајќи го дека ги заобиколува граѓаните и нивните секојдневни проблеми. Во својата јавна реакција, Велковски отвори низа прашања поврзани со јавниот долг, пензискиот фонд, образованието, здравството и искористувањето на природните богатства, барајќи од Мицкоски директно да се соочи со граѓаните.

Целосната објава на Аце Велковски:

По сите светски турнеи, премиерот Христијан Мицкоски сега тргнува на домашна турнеја „очи во очи“ со сопственото партиско членство.
Повторно ги заобиколува граѓаните. Оние што секојдневно се соочуваат со реалноста, со сиромаштијата, со неправдата, со нефункционалните институции и со неизвесноста за сопствената иднина.
Ама сигурно нема да патува со обичен вагон. Ќе мора да го понесе и оној негов вагон што се клати на пат за ЕУ!
И сега, што ќе им каже на своите сопартијци?
Ќе им каже ли дека државата се задолжува со над 7 милијарди евра, дека кредитите што ги зема денес ќе ги враќаат нивните деца и внуци?
Ќе им објасни ли каква е иднината на пензискиот фонд и дали генерациите што денес работат ќе имаат сигурни пензии утре?
Ќе им каже ли што се случува со еврообврзниците и со новите задолжувања?
Ќе им објасни ли како планира да гради брза пруга вредна околу две милијарди евра, кога јавноста сè уште бара конкретни проекти, студии и јасни рокови?
Ќе им каже ли што покажуваат резултатите од тестирањата на учениците и зошто толку многу деца имаат сериозни проблеми со основната писменост?
Ќе им објасни ли зошто граѓаните, и покрај тоа што редовно плаќаат здравствено осигурување, сè почесто мораат да бараат и плаќаат приватно здравство?
Ќе им каже ли дека нè очекува тешка зима, додека од друга страна ни се сервира приказната дека сме меѓу најуспешните три економии?
Ќе им објасни ли што се случува со нашите природни и рудни богатства? Зошто толку многу ресурси се даваат под концесии и кој навистина има корист од нив?
И конечно, ќе им каже ли дека државата не е партиска сопственост, дека граѓаните не се статистика и дека Македонија не е сопственост на една политичка гарнитура?
Господине Мицкоски,
Погледнете ги граѓаните во очи. Погледнете ги работниците, пензионерите, младите што ја напуштаат државата, родителите што едвај врзуваат крај со крај.
ДАЛИ СМЕ СЛЕПИ ПРИ ОЧИ? НЕ !