Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска ја посетија Општата болница во Струмица, по повод комплетно реализирање на проектот за реконструкција и адаптација на оваа установа.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 279.3 милиони денари, а проектот опфати обемни градежни, инфраструктурни и технички зафати за модернизација на болничките капацитети.

„Со оваа инвестиција Општата болница во Струмица доби современи услови за функционирање и дополнително го зајакна својот капацитет како регионален здравствен центар за повеќе од 200 илјади жители од Струмица, Радовиш, Валандово, Босилово, Василево, Ново Село и околните општини. Инвестициите во болничката инфраструктура остануваат еден од клучните приоритети на Министерството за здравство, со цел создавање модерен, ефикасен и достапен здравствен систем кој ќе обезбеди поквалитетна здравствена заштита за сите граѓани. Инаку, за оваа установа обезбедивме и нова најсовремена медицинска опрема – компјутерски томограф, во вредност од 43.5 милиони денари, а изминатиот период се реализирани 55 нови вработувања со цел зајакнување на кадарот“, истакна министерот Алиу.

Во рамки на заложбите за регионализација, додаде тој, ова е значајна инвестиција за граѓаните од Струмичкиот регион, затоа што ќе значи подобра здравствена заштита, побрз пристап до здравствена услуга која ќе ја добиваат поблиску до местото на живеење.

Текстот Алиу: Инвестиравме над 279 милиони денари во модернизација на Општата болница во Струмица е превземен од МАКФАКС.