Eдиниците на МВР во текот на вчерашниот ден приведоа полициски службеник осомничен дека примил поткуп од 50 евра.

Според информаците од Обвинителството, вработениот во Отсекот за странци и реадмисија, на 16 јануари во службените простории ја повикал оштетената која ја изгубила патната исправа и требало да извади нова. Притоа без да изврши проверки за претходно изгубениот пријавен пасош и да ги запази работните процедури ѝ дал уплатница за да уплати за издавање на нова. Откако го уплатила износот, оштетената се вратила во просториите на Одделот за управни работи и на осомничениот му ја предала уплатницата.

Откако го прашала за временскиот рок на постапката за издавање, полицаецот одговорил дека се чека од 6-12 месеци, на што жената негодувала, а осомничениот со гестикулации протривајќи ги прстите ѝ покажал дека треба да плати 50 евра за услугата велејќи „Знаете дека ние не се трудиме џабе”.

„Оштетената кажала дека нема пари во себе и ако не е проблем да ја почека да земе, а ако не стаса во текот на денот, да му ги предаде наредниот ден, на што осомничениот се согласил и рекол дека ќе ја чека за да ја заврши работата. По излегување од зградата, оштетената свесна дека тоа што осомничениот ѝ побарал пари без да ги уплати на сметка за побрзо да ја добие патната исправа е кривично дело, случајот го пријавила во полициска станица. Во текот на вчерашниот ден му ја предала кримтехнички обработената банкнота на осомничениот која беше пронајдена при претресот“, информираа од Обвинителството.

Предметниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот, а на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи со решение на осомничениот да му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.