Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија најосторо ги отфрла и демантира „шпекулациите и лажните наводи изнесени од страна на политичките партии СДСМ и ДУИ во последните неколку денови“.
„Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, во врска со наводите и шпекулациите во медиумите поврзани со решението на Управниот инспекторат, сака да ја информира јавноста за следните клучни точки:
Прво, опомени и забелешки за канцелариско и архивско работење на службите во Министерството не претставуваат скандал. Редовниот инспекциски надзор од страна на Управниот инспекторат се однесува исклучиво на технички аспекти на архивското и канцелариското работење. Во ниту еден момент не е констатирана злоупотреба на службена положба или друг вид на незаконско постапување.
Второ, станува збор за редовен и тековен инспекциски надзор.
Управниот инспекторат постапувал според редовна програма за работа и не станува збор за постапување по никаква пријава или наод за гршка во постапувањето.
Трето, забелешките на инспекторатот се однесуваат на пракса воведена во 2017 година. Начинот на канцелариско и архивско работење во Министерството за животна средина е воспоставен уште во 2017 година и оттогаш непроменето се спроведува од сите министри кои раководеле со министерството – и од редовите на СДСМ и ДУИ. На овој начин на работа постапувале министрите Нурхан Изаири, Башким Амети, Садула Дураку, Насер Нуредини и Каја Шукова. Ова значи дека евентуалните забелешки на инспекторатот не се поврзани со работата на актуелното раководство, туку со континуиран административен процес кој е наследен од претходните години.
Четврто, Министерството останува посветено на транспарентноста и ги повикува сите медиуми на увид во документацијата. За целосна транспарентност и точна информираност на јавноста, Министерството за животна средина и просторно планирање ги повикува сите заинтересирани медиуми да дојдат на лице место во просториите на Министерството, каде што ќе им биде презентирана целата архивска граѓа поврзана со оваа постапка. Нема што да се крие – работата на Министерството е отворена за увид на јавноста.
Министерството останува доследно на својата заложба за законито и професионално работење во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Текстот Министерството за животна средина ги демантира СДСМ и ДУИ: Во ниту еден момент не е констатирана злоупотреба на службена положба или друг вид на незаконско постапување е превземен од МАКФАКС.