Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото покажува дека во земјава нема реформи, корупцијата останува широко распространета, а судството и обвинителството се изложени на политички притисоци, изјави денеска Александар Наумоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Најновиот извештај на Европската комисија за владеењето на правото ја разоткрива суровата вистина за Македонија под власта на ВМРО-ОКГ: нема реформи, корупцијата е широко распространета, а судството и обвинителството се изложени на политички притисоци“, рече Наумоски.
Според него, Брисел директно алармира дека изјавите на претставници на власта, вклучително и на премиерот Христијан Мицкоски, создаваат притисок врз независноста на правосудниот систем и ја загрозуваат поделбата на власта.
Наумоски посочи дека, според извештајот, „високи владини функционери водат јавни кампањи за дискредитација на судии и обвинители“, дека измените на Кривичниот законик „повторно отвораат опасен простор за неказнивост“, дека корупцијата останува широко распространета, а буџетот за правосудството за 2025 година е намален за 4,3 проценти.
„Извештајот од Брисел е црвен картон за Мицкоски и неговата власт“, изјави Наумоски, додавајќи дека „со организирана криминална група нема правна држава – има партиска држава во која ‘чувствата’ на премиерот се поставени над Уставот и законите“.
Тој оцени и дека власта намерно го кочи пристапувањето кон Европската Унија затоа што, како што рече, европската интеграција значи „посилни механизми за контрола, независни институции и вистинска борба против корупцијата“.
Текстот СДСМ: Извештајот на ЕК покажува дека нема реформи и дека правосудството е под политички притисок е превземен од МАКФАКС.


















