Конгресната комисија која го истражува нападот на Капитол на 6 јануари го објави својот конечен извештај, во кој го обвинува поранешниот американски претседател Доналд Трамп за „повеќекратен заговор“ за да се попречи волјата на народот и да се поништи демократијата.
Поделен на осум поглавја, извештајот од 845 страници вклучува наоди, транскрипти од интервјуа и законодавни препораки и претставува едно од најукорните официјални портретирања на претседател во американската историја, пишува Гардијан.
Неговото објавување доаѓа само три дена откако избраниот Комитет на Претставничкиот дом во понеделникот препорача Трамп да биде кривично гонет за нападот на Капитол, како и по медиумските извештаи дека поранешниот претседател соработува и споделува клучни докази со Министерството за правда.
Комисијата, која ќе се распушти на 3 јануари кога републиканците ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, спроведе повеќе од 1 000 интервјуа, одржа 10 јавни расправи – од кои дел во ударни телевизиски термини и собра повеќе од еден милион документи од формирањето во јули минатата година.
Нејзиниот извештај претставува продлабочен и детален приказ на напорите на Трамп да го поништи поразот од Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година и приказ на она што Комисијата вели дека е неговата вина за насилниот бунт од неговите поддржувачи.
Извештајот наведува дека Трамп знаел дека изгубил, но сепак вршел притисок на државни функционери и на потпретседателот Мајк Пенс да ги поништат изборите. Потоа, како што се подвлекува, поранешниот американски претседател бил директно одговорен за собирање на насилната толпа која упадна во Капитол, во меѓувреме одбивајќи ги постојаните молби од неговите помошници да ги осуди немирите или да побара од своите подржувачи да си заминат.
„Централната причина за 6 јануари беше еден човек, поранешниот претседател Доналд Трамп, кој го следеа многу други. Ниту еден од настаните на 6 јануари немаше да се случи без него “, се вели во заклучоците на документот.