Четири месеци по уривањето на дивоградбата на местото каде беше кафулето „Фонтана“ во ТЦ Мавровка, повторно „никнаа“ столбови. Но, разликата сега е што тие не се армирано-бетонски, туку наликуваат на метални профили.

Од Општина Чаир за „360 степени“ велат дека сопственикот има право, согласно првично поднесениот проект, на просторот да постави лесна конструкција.

„Согласно законот за градење, согласно проектот, сопственикот има дозвола да гo врати објектот во првобитната состојба. Нема бетон, столбовите не се бетонски, тоа е лесна конструкција“,велат од Општината.

Истрагата е во завршна фаза
За претходно изградената дивоградба, сопственикот на објектот доби кривична пријава од Министерството за внатрешни работи за бесправно градење, за што полицијата му реферираше на Обвинителството.

Од Јавното обвинителство за „360 степени“ велат дека истрагата привршува.

„Во предметот за кој покажувате интерес, во завршна фаза е истражната постапка, која се води против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – ‘Бесправно градење’ од член 244-а став 1 од Кривичниот законик​“,велат оттаму.

Прво пожар, па дивоградба

Случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ со месеци предизвикуваше внимание во јавноста, особено по изјавите од надлежните институции дека не можат да го откријат инвеститорот на објектот што почна да се гради веднаш по пожарот во кој изгоре кафулето „Фонтана“. Институционалниот дебакл продолжи кога Општината Чаир распиша тендер за да го урне објектот, но ниту една фирма не се пријави за да ја изврши работата. Така, објектот стана „национален приоритет“ и симбол за решеноста на новата влада да се бори против криминалот. Лично премиерот Зоран Заев најави дека објектот ќе се руши, а насоките за тоа беа донесени на владина седница.


Како што објави Истражувачката репортерка лабораторија (ИРЛ), Мевлудин Алити е човекот кој ја поседува и фирмата што го оперира кафулето “Фонтана” – ТП со угостителска дејност бифе во „Мавровка“ и имотниот лист за објектот кој таму се градеше, кого институциите не можеа да го откријат за да достават решението за уривање.

Тој тврдеше дека имал одобрение за обнова на локалот и во таков случај не било важно со каков материјал ќе се обнови објектот, туку само да не излегува од постоечката површина./365stepeni