Опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8% до 5,4%, додека кај скринингот на рак на грло на матка од 10,3% до 15,5% од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг, покажа најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.
Кај мамографскиот скрининг резултатите во просек се издаваат по околу 25 дена, а кај значителен број жени и по повеќе од 60 дена, додека кај скринингот за рак на грло на матка, дел од примероците за ПАП тестови се анализираат со значително доцнење.
Со ревизијата е утврдено дека и покрај долгогодишното спроведување и остварениот напредок во планирањето и реализацијата на програмите за скрининг, во услови на ограничени буџетски средства, сè уште не обезбедуваат доволна покриеност на целната популација, ниту навремена дијагностика, во обем што би овозможил системско потврдување на нивниот придонес кон раното откривање на малигните заболувања и намалувањето на морталитетот.
Податоците покажуваат дека кај над 80% од пациентките со рак, лекувањето започнува во подоцнежни стадиуми.

Извор: Државен завод за ревизија
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Програми за рана детекција на малигни заболувања“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали програмите за рана детекција и скрининг обезбедуваат соодветна покриеност на целната популација и квалитетна и навремена дијагностика и резултираат со рано откривање на малигни заболувања на дојка и грло на матка и намалување на морталитетот?“.
Со ревизијата беа опфатени активностите поврзани со планирањето и спроведувањето на програмите за скрининг на рак на грло на матка и рак на дојка во период од 2021 година до 2024 година, а одредени прашања и настани се опфатени пред и по овој период.
Скринингот на рак на грло на матка се спроведува по пат на ПАП тестови кај жени на возраст од 21 до 59 години во тригодишен циклус. Во периодот 2022-2024 година од страна на матичните гинеколози се земени вкупно 130.093 примероци за ПАП тест.
Скринингот на рак на дојка се спроведува по пат на мамографски прегледи на жени на возраст од 40 до 69 години во двегодишен циклус. Во периодот 2021-2024 година се направени вкупно 20.946 скрининг мамографии во повеќе мамографски центри.
Програмите за скрининг се донесуваат на годишна основа, без воспоставена долгорочна стратешка рамка, која би обезбедила континуитет и стабилност во дефинирањето на целната популација, опфатот и интервалите за скрининг, како и долгорочно планирање на потребните ресурси и капацитети.
„Во анализираниот период се забележуваат промени во содржината на програмите, во опфатот и во поставените приоритети, кои не се секогаш засновани на анализи на капацитетите и очекуваните здравствени ефекти, што ја отежнува оценката на оправданоста и ефективноста на преземените мерки. Целите и индикаторите за успешност не се утврдени конзистентно, а во голем дел се фокусирани на обемот на активности, наместо на ефектите“, наведува ревизорот.

Извор: Државен завод за ревизија
Понатаму, во извештајот се додава дека финансиското планирање се врши во рамки на ограничени буџетски средства на годишно ниво, без јасна врска помеѓу ресурсите, планираниот опфат и очекуваните резултати, што ја отежнува оценката на ефективноста на програмите и нивниот придонес кон раното откривање на малигните заболувања.
„Скрининг програмите се реализираат континуирано, но опфатот на целната популација е ограничен и не обезбедува значајни популациски ефекти. Анализата покажува дека опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8% до 5,4%, додека кај скринингот на рак на грло на матка од 10,3% до 15,5% од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг. Овие податоци упатуваат дека со постојниот опфат не може да се очекува доволен ефект во раното откривање на болеста“, се наведува во извештајот.
Во него се истакнува дека одзивот на поканетите жени не може целосно да се оцени поради недостиг на целосни податоци за бројот на испратени покани и бројот на жени кои се одзвале на скринингот.
„Информациските системи не овозможуваат систематско следење на истото. Дополнително, промотивните активности не се спроведуваат континуирано и со доволен обем, што влијае врз информираноста и мотивацијата на жените да учествуваат во скрининг програмите. Во однос на навременоста и квалитетот на дијагностиката, не се утврдени временски рокови од реализирање на скрининг до издавање на резултатите, ниту протоколи за известување на жените“, се наведува во извештајот.
Кај мамографскиот скрининг резултатите во просек се издаваат по околу 25 дена, а кај значителен број жени и по повеќе од 60 дена, додека кај скринингот за рак на грло на матка, дел од примероците за ПАП тестови се анализираат со значително доцнење.
Понатамошното постапување по скрининг за рак на дојка, особено кај жените со сомнителни или позитивни наоди, во значителен дел е поврзано со работата на Кабинетите за дојка, кои претставуваат важна алка во дијагностичкиот и терапевтскиот процес.
„Во дел од јавните здравствени установи ограничените кадровски и организациски капацитети влијаат врз динамиката на закажувањето и врз реализацијата на дополнителните дијагностички постапки и третман. Зголемениот обем на активности поврзани со скринингот во одредени случаи влијае врз достапноста на редовните дијагностички и контролни прегледи во радиолошките оддели, при што во дел од јавните здравствени установи е евидентирано намалување на бројот на редовни термини. Не е обезбедена целосна следливост на пациентките од моментот на скрининг до дополнителната дијагностика и третман“, пишува во извештајот.
Ревизорите наведуваат дека податоците за понатамошното постапување не се систематски поврзани со податоците од скринингот, при што е евидентно „губење“ на пациентки кои го продолжуваат лекувањето во приватниот сектор, што ја ограничува можноста за целосна оценка на ефективноста на скрининг програмите.
Податоците од здравствените институции покажуваат дека 80% од пациентките со рак започнуваат лекување во подоцнежни стадиуми на болеста, што упатува дека најголемиот дел од случаите не се откриваат во рана фаза како очекуван резултат од организиран скрининг, пишува во извештајот.
Истовремено, не е обезбедена комплетност и усогласеност на податоците на официјалните институции за бројот на случаи и смртни исходи.
Податоците од Регистарот за рак покажуваат дека бројот на случаи откриени преку скрининг е релативно низок, особено кај рак на дојка што укажува на ограничен ефект на програмите.
Понатаму, Државниот завод за ревизија наведува дека не е воспоставена сеопфатна нормативна и стратешка рамка за организиран скрининг која јасно ги дефинира улогите и одговорностите на вклучените институции, што влијае врз координацијата и континуитетот во спроведувањето на скрининг програмите.
„Недостатокот и нерамномерната распределба на кадар, особено во радиологијата, цитологијата и патологијата, претставува ризик за континуирано и квалитетно спроведување на скрининг услугите. Дијагностичката опрема и инфраструктурата не се рамномерно распределени, а информациските системи не обезбедуваат целосна поврзаност и размена на податоци, што го отежнува управувањето со скринингот и систематското следење на резултатите од програмите“, пишува во изветштајот.
Ревизорот, за надминување на наведените состојби, дале препораки насочени кон отстранување на причините за утврдените состојби и создавање услови за спроведување на ефикасен организиран скрининг и тоа: воспоставување соодветна нормативна рамка за организиран скрининг, стандарден сет на цели и индикатори, јасни и транспарентни модели на финансиско надоместување, спроведување континуирани и системски промотивни активности и воспоставување интегриран информациски систем.
Текстот Скрининзите не се доволни, кај над 80% од пациентките со рак на дојка и матка лекувањето започнува доцна, утврди Државниот завод за ревизија е превземен од МАКФАКС.























