Светските лидери денеска ја поздравија победата на Луис Инасио Лула да Силва на претседателските избори во Бразил и изразија подготвеност за соработка, особено во областа на заштитата на животната средина. Изборната администрација на Бразил синоќа објави дека да Силва од левичарската Работничка партија го победи актуелниот претседател на крајната десница Жаир Болсонаро и стана нов претседател на земјата. Врз основа на 98,8 отсто преброени гласови, соопштено е дека Силва освоил 50,8 отсто, а Болсонаро 49,2 отсто.
„Заедно ќе ги обединиме нашите сили за да се соочиме со многуте заеднички предизвици и да ја обновиме врската на пријателството меѓу нашите две земји“, напиша францускиот претседател Емануел Макрон во порака на Твитер неколку минути по објавувањето на резултатите од бразилските избори. Рускиот претседател Владимир Путин му честитал на Лула и напишал дека се надева оти со заеднички напори „ќе успеат да го продолжат развојот на конструктивната руско-бразилска соработка во сите области“.