Реал Мадрид покажа активност на стартот на преодниот рок, но големо прашање е дали „кралевите“ завршија со доведување нови играчи. Така не сака да размислува тренерот Карло Анчелоти, кој инсистира да биде доведен уште еден квалитетен напаѓач како замена за Карим Бензема. Сепак, шпанските медиуми велат дека клубот не смета дека е потребно и во моментов не покажува никаква намера да му ја исполни желбата на италијанскиот стратег.

Фран Гарсија, Брахим Дијаз, Џуд Белингем и Хоселу Мато се играчите со кои Реал потпиша во последните денови, но ниту еден од нив не е вистинска замена за Карим Бензема. Францускиот напаѓач реши да замине во Саудиска Арабија, а тоа може да биде проблем за Реал бидејќи во претходната сезона постигна 31 гол на 43 натпревари.

Хари Кејн и Килијан Мбапе се идеите на Карло Анчелоти за напаѓачката позиција во Реал Мадрид. Извори блиски до него тврдат дека тој е разочаран од реакцијата на клубот и дека имал жесток разговор со Флорентино Перез. Свесен е дека евентуалните лоши резултати ќе се одразат на него.

Лаутаро Мартинез и Виктор Осимхен се напаѓачи кои исто така беа поврзувани со можна преселба во Реал Мадрид, но засега сето тоа е далеку од реализација.

Прикажи повеќе