Американската реалити ѕвезда Ким Кардашијан, која е студент по право, разговарала со американската потпретседателка Камала Харис за реформите во кривичното право на тркалезна маса организирана од Белата куќа, пренесува АП.

Агенцијата наведува дека на тркалезната маса одржана во четвртокот биле истакнати напорите на американската администрација кога станува збор за реформите во кривичното право.

Белата куќа, исто така, покани на тркалезната маса четири лица кои беа помилувани од американскиот претседател Џозеф Бајден минатата недела.

Харис, поранешен обвинител, на присутните им кажа дека „верува во моќта на откупувањето“ и се заблагодари на Кардашијан што ја искористи нејзината платформа за да ја подигне свеста за важноста на вторите шанси.

Познатата реалити ѕвезда ја посети Белата куќа уште кога Доналд Трамп беше претседател на САД, каде што се обиде да се избори за реформи во судството.

Своевремено изјавила дека нејзиниот покоен татко, познатиот адвокат Роберт Кардашијан, ја инспирирал да почне да се занимава со адвокатура. Иако се уште студира и е далеку од полагање правосуден испит, благодарение на своето знаење и активизам, Ким успеа да обезбеди ослободување на Алис Мери Џонсон, која требаше да отслужи доживотна казна за вмешаност во трговија со кокаин, по 21 година затворска казна.

Џонсон беше помилувана од тогашниот претседател Трамп, а Кардашијан призна дека нејзиниот успех во овој случај делумно и помогнал и тоа што нејзиниот тогашен сопруг Канје Вест бил поддржувач на републиканскиот претседател.

Алис Мери Џонсон напиша и мемоари, за кои Ким го напиша предговорот.