Австралија денес објави дека ќе го протера амбасадорот на Иран во Канбера, а премиерот Ентони Албанезе го обвини Техеран за извршување на два антисемитски напади во клучните градови Сиднеј и Мелбурн.

Од почетокот на војната меѓу Израел и Газа во октомври 2023 година, австралиските домови, училишта, синагоги и возила беа цел на антисемитски вандализам и палење, пишува „Ројтерс“.

„Австралиската безбедносна агенција собра веродостојни разузнавачки информации дека иранската влада наредила најмалку два напади“, изјави Албанезе на прес-конференција.

„Иран се обиде да го прикрие своето учество, но ASIO верува дека стои зад нападите врз „Луис Континентал Кујн“ во Сиднеј на 20 октомври минатата година и синагогата Адас Израел во Мелбурн на 6 декември“.

Австралиската безбедносно-разузнавачка организација додаде дека е веројатно дека Иран наредил дополнителни напади.

„Ова беа вонредни и опасни акти на агресија оркестрирани од странска држава на австралиска почва“, рече Албанезе. „Ова беа обиди за поткопување на социјалната кохезија и сеење раздор во нашата заедница“.

„Австралија ја суспендираше својата амбасада во Техеран и сите дипломати се безбедни во трета земја“, рече Албанезе, додавајќи дека неговата влада ќе ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација.

Текстот Австралија: Иран нарача најмалку два антисемитски напади во нашата земја е превземен од МАКФАКС.