Циклонот Габриел денеска ослабе и се оддалечи од Нов Зеланд додека земјата почна да ги проценува штетите предизвикани од поројните поплави, одроните од кал и силните ветрови во кои загинаа три лица, а илјадници беа принудени да ги напуштат своите домови.
Габриел, циклонот што стигна до Нов Зеланд во неделата пред да се пресели по источниот брег на Северниот Остров, отсече цели градови, однесе фарми, мостови и добиток и потопи куќи, пренесоа светските агенции.
„За среќа, поминавме низ најлошото невреме, но сè уште не сме надвор од опасност“, рече министерот за управување со вонредни состојби Киеран МекАнулти, за време на брифингот за медиумите.
Cyclone Gabrielle lashed New Zealand, causing extensive flooding, landslides and damage to infrastructure and prompting the country to declare a national state of emergency for only the third time in its history https://t.co/Ali5GD4tVM pic.twitter.com/CFqZ7vXZ0k
— Reuters (@Reuters) February 14, 2023
Од жителите на тешко погодените области сега се бара да штедат вода и храна поради стравувањата од недостиг откако Нов Зеланд прогласи национална вонредна состојба поради циклонот, трет пат во својата историја.
Делови од новозеландскиот Северен Остров, дом на околу 75 отсто од петте милиони жители на земјата, ја доживуваат втората голема бура во последните недели. Рекордните дождови минатиот месец предизвикаа поројни поплави, а четири лица го загубија животот.
Екипите за итни случаи вчера пронајдоа тело за кое се верува дека е тело на доброволец пожарникар кој исчезна од неделата вечер по лизгање на земјиштето на плажа во близина на најголемиот град во земјата, Окленд, соопштија властите. Потврдено е дека уште две лица се мртви во заливот Хок, регион на источниот брег на Северниот Остров. Властите проценуваат дека досега се раселени повеќе од 10 000 луѓе.