Седумдесет и двегодишен македонски државјанин е приведен од надлежните бугарски власти и против него е поведена истрага откако при претрес на автобус кој сообраќал на редовната линија Скопје – Инстанбул, бугарските цариници на граничниот премин Ѓуешево, во неговиот багаж нашле 6,2 килограми марихуана, сокриена во кутии за новогодишни пакетчиња.
Како што информираат од бугарската царинска служба, на Бадник, односно на 6 јануари, службеници од одделението за борба против трговија со дрога од полициската станица Ѓуешево запреле автобус со турски регистарски таблички кој превезувал патници од Скопје за Истанбул за темелен преглед.
Царинските инспектори откриле дека во багаж на патник биле скриени шест проѕирни коверти со зелена тревна маса налик на соцвети од марихуана.
„Пет од ковертите биле пронајдени во кутии за новогодишни подароци. Направен е наркотест на терен, кој се покажал позитивен на присуство на канабис, а вкупната запленета количина изнесува бруто 6,235 килограми“, се наведува во соопштението на бугарската царинска служба.
Според бугарските медиуми кои се повикуваат на Окружното обвинителство во Ќустендил, за обидот за шверц на марихуанта е осомничен, како што се наведува, државјанин на Република Северна Македонија со иницијали К.К. на возраст од 72 години.