Шест месеци по започнувањето на рускиот неиспровоциран напад, Украина ја одбележува 31-годишнината од нејзината независност од поранешниот Советски Сојуз. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, вети дека неговата земја ќе се бори против руските војници „до крај“.
„Ќе кренеме раце само еднаш – кога ќе славиме победа. На цела Украина. Затоа што не тргуваме со нашата земја и народ. За нас Украина е цела Украина. Сите 25 региони, без отстапки или компромиси. Не ги препознаваме овие зборови, бидејќи беа уништени со ракети на 24 февруари”, рече Зеленски.
Украинската престолнина и неколку други големи градови ги забранија јавните прослави, по предупредувањата дека Русија би можела да го искористи настанот за да нападне цивилна и владина инфраструктура. Жителите на Киев се разбудија со сирени за воздушен напад. Наместо парада, уништената руска воена опрема е поставена на главната улица во Киев како потсетување на неуспешните обиди на Москва да ја преземе контролата врз украинскиот главен град во раните денови од војната.
„Да се биде независен значи да размислуваш, да зборуваш и да правиш што сакаш. Дури и во време на војна. Ова го прави Украина“
„Моите другари од теретана сите се борат на првите линии. Значи, не можам јас да се уморам. Тие имаат право да бидат уморни и ние мора да помогнеме, да донираме и да плаќаме даноци и да продолжиме да се бориме“, велат украинците.
Генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг изјави дека војната во Украина најверојатно ќе заврши на преговарачка маса.
„Ќе ја поддржуваме Украина се додека тоа е потребно. Ќе ја поддржиме Украина како независна суверена држава во Европа, и тогаш оваа војна најверојатно ќе заврши на преговарачката маса. И исходот целосно ќе зависи од силите на бојното поле, затоа ние ги поддржуваме“, изјави Столтенберг.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, ѝ го честиташе денот на независноста на Украина, и вети поддршка во нејзината борба против Русија онолку долго колку што е потребно.
„Европа обединета во слобода и демократија е многу посилна од заостанатиот руски империјализам. Драги Украинци, вашата земја ќе ја отстрани темната сенка на војната затоа што е силна и храбра, бидејќи има пријатели во Европа и ширум светот“, рече канцеларот Шолц.
Од избувнувањето на војната, седум милиони луѓе ја напуштија Украина, додека западните земји воведоа финансиски санкции кон Русија поради нејзината агресија.
Шкелзен Аќифи