Со измената и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физичките лица се овозможи зголемување на максималниот износ на враќање на дел од ДДВ изразен во фискални сметки од 1.800 на 2.100 денари за едно тромесечје. Oва се измените што беа најавувани, и изгласани во Собранието и ќе важи од 1 јануари 2023 година. Ова значи дека наместо досегашниот износ од 1.800 денари по лице, повратот на средства може да достигне 2100 денари за едно тромесечје.
Како што соопштија од УЈП за Бриф.мк, првите зголемени суми, корисниците на апликацијата МојДДВ можат веќе да ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во првото тромесечје, односно за периодот јануари – март 2023 година.
„Со измената и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физичките лица се овозможи зголемување на максималниот износ на враќање на дел од ДДВ изразен во фискални сметки од 1.800 на 2.100 денари за едно тромесечје. Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата МојДДВ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во првото тромесечје, односно за периодот јануари – март 2023 година“, соопштија од УЈП.
Ова значи дека наместо досегашните 7200 денари годишно, максималниот износ што едно лице кое наполнило 15 години и редовно скенира фискални сметки, може да добие од УЈП поврат на средства од 8400 денари годишно за четирите тромесечја.
Мерката „МојДДВ“ започна да се применува од 1 јули 2019 година, кога наиде на широк интерес кај граѓаните. Од почетокот на мерката МојДДВ, до денеска, на сметките на граѓаните преку оваа мерка легнале околу 6 милијарди денари.
Според податоците на УЈП корисниците најмногу скенираат сметки од бензиските пумпи, мали и големи маркети, аптеки, продавници за облека и бела техника. Апликацијата повеќе ја користат жените отколку мажите.
Според анализите што УЈП ги има направено по повод 3 години „Мој ДДВ“ кога имаше околу 460.000 корисници, или од 1 јули 2019 до 1 јули 2022 година, според старосна структура, 1 808 граѓани до 18 годишна возраст скенирале 1,4 милиони сметки. Од 19 до 30 години се регистриале 90 829 граѓани кои скенирале 113,2 милиони фискални сметки. 118 085 регистрирани корисници се на возраст од 31-40 со скенирани 177,3 милиони сметки, а 176,9 милиони фискални сметки скенирале 104 695 граѓани на возраст од 41-50 години. 104 695 граѓаните на возраст од 51-60 години скенирале 121,4 милиони фискални сметки. Фискални сметки скенираат и пензионерите или идните пензионери, односно 75 527 граѓани со над 61 година до 1 јули 2022 година скенирале 98,7 милиони фискални сметки.
Како што соопштија од УЈП, во моментов оваа мерка ја користат 523.673 граѓани и бројот на корисници секојдневно расте, а мерката дава позитивни резултати и кога станува збор за издавањето на фискални сметки од страна на компаниите.
Превземено од Бриф.мк