Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека процесот на реконструкција на Владата ќе биде формализиран до крајот на месецов и очекува до 1 јули предлог-списокот да се најде пред пратениците во Собранието.

Мицкоски рече дека разговорите со коалициските партнери се во тек и дека засега не може да открива детали за кадровските решенија.

„Во интерес на процесот не би зборувал премногу околу конкретни кадровски решенија, имиња и слично. Се разгледуваат секакви опции“, изјави Мицкоски, додавајќи дека средбата со претставници на ВРЕДИ поминала во добра атмосфера.

Тој најави дека денеска ќе има состанок и со коалицискиот партнер ЗНАМ, каде ќе се разговара за, како што рече, предностите и слабостите во функционирањето на владиниот тим.

Промени и на локално ниво

Премиерот додаде дека по првата фаза на реконструкцијата ќе следи и втор бран промени на локално ниво, вклучително и во јавните претпријатија и општинските структури.

„Имаме места каде што можеме подобро. Имаме места каде што сме исклучително задоволни. Такви се повеќето, но има и таму каде што е потребно да се поправиме и на ниво на општини, но и на локално ниво од аспект на подрачни единици. Така што процесот ќе продолжи во втората фаза во текот на летото и паралелно со тој процес, бидејќи горе-долу е оформена и структурата на партијата, ќе отпочнеме процес таму некаде во втората половина на јули, кој што евентуално би траел до крајот на септември на ажурирање на членството и ново зачленување во ВМРО ДПМНЕ“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека реконструкцијата ќе донесе „длабински и суштински промени“ во функционирањето на институциите до крајот на летото.

Лимани: Секој мандатар си прави свој тим

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, прашан за најавените промени, изјави дека не разговарал со премиерот за евентуална реконструкција и дека секој мандатар има право да го избере својот тим.

Тој нагласи дека функционерите се на позиции за да работат во интерес на граѓаните и дека е поважно да се гледаат резултатите од работата отколку политичките промени.

СДСМ: Нов театар на тендер коалицијата

„Денеска е закажана нова средба, меѓу ВМРО и ЗНАМ – непостоечко здружение, сателит на Мицкоски кое се распаѓа, и кои за себе велат дека нивните кадри „одлично работат“. Во исто време, Мицкоски на роденденската прослава на својата партија призна дека функционери кои повеќе се грижат за своите позиции отколку за граѓаните, дека се недостапни и далеку од реалните проблеми на луѓето. Изгледа дека функционерите го презеле моделот на однесување од Мицкоски. Ова таканаречената реконструкција не е ништо друго освен козметичка операција и обиди за мачкање очи на јавноста. Наместо да се соочат со вистинските проблеми кои ги мачат граѓаните, економскиот колапс, падот на инвестициите за 60 отсто, буџетскиот дефицит кој е скоро целосно потрошен, и масовното заминување на младите – власта продолжува да си игра со министерски фотелји“, велат од СДСМ.

Текстот (Видео) Владината реконструкција пред пратениците до 1 јули е превземен од МАКФАКС.