Баерн Минхен објави дека дефанзивецот Нусаир Мазрауи бил позитивен на корона вирусот за време на Светското првенство во Катар и дека подоцна било откриено дека има оток некакво воспаление околу срцето. Мазрауи не отпатува со тимот во Катар на зимските подготвоки, пред продолжувањето на сезоната во Бундеслигата на 20 јануари.
Клубот објави дека Мазрауи бил позитивен на тестот за ковид-19 додека бил на Светското првенство на почетокот на декември и дека поради тоа не играл во четврт-финалето кога Мароко ја победи Португалија.
Неговото отсуство тогаш беше припишано на „неодредена болест“. Мазрауи потоа го одигра првото полувреме од полуфиналето против Франција, откако Мароко стана првата африканска и арапска репрезентација што се пласираше меѓу четирите најдобри селекции на Светското првенство.
Баерн изјави дека прегледот во Минхен по турнирот открил „благо воспаление“ и дека Мазрауи „засега не е достапен за натпревари“. Овој тип на воспаление е позната компликација на инфекција со корона вирусот. /Makfax/