Од таборот на Еурофарм Пелистер ги повикуваат навивачите во голем број да дојдат и да им помогнат на утрешниот натпревар со Мотор Запорожје, клучен за пласман во следната фаза на Европската ракометна лига.

Ако имаме поддршка како што нормално добиваме во нашата сала, тоа ќе ни биде од голема помош. Се надевам дека луѓето ќе дојдат во вторник и ќе ни дадат поддршка. По враќањето на некои повредени ракометари, добиваме на стабилност. Имаме многу натпревари во овој период, но мора да размислуваме позитивно. Го вративме ритамот, дури и во поразот во Берлин видов добри работи. Одигравме добро, посебно бевме добри при стрпливоста во нападот. Денес работевме некои детали кои ќе ни послужат за вторник, а и заштедив некои ракометари за дуелот против Мотор. Веќе го подготвуваме дуелот против Украинците, ќе биде тешко и сериозно ќе ги сфатиме. Играа добро во последните натпревари, но имам позитивни вибрации за вторник, изјави тренерот на битолчани, Ларс Валтер.

Голманот Урбан Лесјак верува во позитивен исход и продолжување со настапите во Лига Европа.

Многу е важно што сами одлучуваме за нашата судбина. В раце имаме можност да стигнеме и до трето место во групата, што сега е наша цел. Екипата на Мотор е искусна, добар микс на зрели и млади ракометари. На гостувањето кај нив одигравме еден од подобрите натпревари и сакаме тоа да го повториме пред нашата публика.

Мотор е во форма, направи чекор напред и можеше тоа да се забележи и со победата над Бидасоа. Нам ни преостанува добро да се спремиме, да го прегледаме видео материјалот, да направиме тактичка припрема и да играме на победа.

Од денес до следната сабота играме четири натпревари и многу е важно да имаме голем ростер и играчите кои почнуваат од клупа, да внесат свежина. Тоа за секоја екипа е многу важно, смета Лесјак.

Натпреварот Еурофарм Пелистер – Мотор Запорожје ќе се игра утревечер од 18 часот во „Боро Чурлевски“ во Битола. /МИА

Фото: Гол.мк