Ако со преговарачката рамка сме прифатиле да ги внесеме Бугарите во Уставот потребно е да се направат брзи уставни измени бидејќи во спротивно сами себе ќе се блокираме и нема да можеме да почнеме преговори со Европската унија, вели директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски во интервју за порталот zoom.mk.

„Ако ние го направиме тоа, а Бугарија сепак стави вето, не блокира по било која основа, никој не не спречува ние да го вратиме тоа назад, пак да направиме уставни измени да ги исфрлиме од уставот Бугарите. Ако ова е поентата на Бугарија не знам зошто да не се направиме тоа“, смета директорот Кржаловски.
Тој не се согласува со ставот на претседателот Пендаровски дека не треба да брзаме со уставните измени и препорачува тие да се направат најбрзо што може, но единствен проблем е да се убеди опозицијата да ги поддржи измените затоа што не била консултирана претходно.

„ Има три начини како да се обезбеди двотретинско мнозинство. Двата се криминални, уцени и поткупени пратеници, а третиот е да се убедат. Не би се изненадил да се случи тоа како со Преспански“, претпоставува Кржаловски.

Според него, никој во ЕУ не може да гарантира дека во иднина Бугарија нема да не блокира по било кој основ, како што бара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој се жали дека измените се прават под присила и без консултации.

„Може да се инаетиме, ама ќе се кочиме сами себе. Јас не би го одолговлекувал тоа затоа што сите викаат година и пол трае скринингот, не е баша така. Ако до март ги усвоиме уставните измени, нема пречка да почнеме преговори уште во април, а за други поглавја ќе продолжат скрининзите. Затоа сметам дека треба да се забрзаат уставните измени, па да видиме, ако не успее не успее, барем да знаеме на што сме“, вели Кржаловски

Зборувајќи за отпорот што постои кај политичкиот естаблишмент за започнување на проговори и за вистински реформи, Кржаловски не исклучува можност да се повтори 2011 година кога Груевски соочен со блокади се откажал од интеграцијата.

„И Заев тврдеше дека ни треба Европа како камшик да ги контролира состојбите, без корупција и непотизам. Тоа ќе трае подолго, а и ЕУ не го сака тоа. Очекува кандидатите сами да се справуваат со тоа, а не таа да ги контролира. Меѓутоа кај нас, ЕУ ќе биде во таа функција“, очекува Кржаловски./Zoom.mk