
Ритам, сила и мотивација — таму каде што дисциплината се среќава со страста.
Во оваа енергична и посветена средина, звуците на музиката го следат секое движење и секој здив.
Фитнесот не е само за телото — тоа е терапија за умот и духот.
Тренерот Амзаџан Вата вели дека волјата може да промени сè. Тој ја раскажува приказната за еден човек кој, по децении без никаква физичка активност, успеал да го трансформира своето тело благодарение на континуираната работа.

„Еден човек, 56 години, генерација ’69, имаше деформиран грб, никогаш во животот не вежбал ниту еден спорт, и во рок од една година успеа да се исправи — сега, кога ќе го видите, е за ‘машала’.“, вели Амзаџан Вата.
За Вата, фитнесот е повеќе од мускули и тежини — тоа е начин на живот.
Тој нагласува дека покрај физичката форма, теретаната директно влијае и на менталното здравје, носејќи смиреност, фокус и самодоверба.
Но, ниту еден успех не доаѓа без дисциплина – ниту во тренингот, ниту на трпезата.

„Најпотребна работа е најпрво протеинот за нас што вежбаме, потоа јаглехидратите и мастите, но сите тие треба да се внесуваат на најздрав начин.“, порача Амзаџан Вата.
„Колку пати неделно треба човек да вежба?“
„Јас лично вежбам шест пати неделно, освен недела – бидејќи теретаната не работи, инаку би вежбал и седум. Но, мислам дека 3–4 пати неделно е во ред – еден ден одмор, еден ден вежбање.“
Тренерот, кој го освоил второто место на Bodybuilding Classic во Македонија и четвртото место на балканско ниво, на почетниците им препорачува внимателност и професионална поддршка. Тој вели дека правилниот почеток е клуч за долгорочни резултати и избегнување на повреди.

„За почетникот најдобро е да вежба во првите 2–3 месеци со тренер, бидејќи има некои вежби што мора да се изведуваат под надзор, за да ти покаже како да ги направиш правилно, инаку може да се повредиш. А за резултатите – тоа зависи од метаболизмот на човекот, но за 6 месеци со диета, максимум до една година, може да се види голема промена.“, порача Амзаџан Вата.
А за оние што сакаат да ослабат, Вата советува трпение: постепеното слабеење е тајната за да не се вратат изгубените килограми.
„Луѓето со прекумерна тежина треба да изгубат околу 2 килограми месечно,“ – вели тој – „затоа што ако ослабат пребрзо, по одреден период килограмите им се враќаат двојно.“
На крајот, меѓу потта и посветеноста, тој испраќа едноставна, но моќна порака:
„Фитнесот е најприродниот лек – за телото, умот и духот.“























