Неколку експлозии се пријавени нво Иран денеска, во услови на зголемени стравувања од војна во регионот, јави ДПА.
Во пристанишниот град Бандар Абас, на Персискиот Залив, едно лице загина, а 14 се повредени во експлозија, соопшти новинската агенција Тасним, која е блиска до Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Очевидци пријавиле и најмалку една експлозија во близина на главниот град Техеран. Иранските медиуми, повикувајќи се на официјален извор, наведоа дека се запалила трска во корито на река.
Во југозападниот дел на Иран, онлајн-порталот Нур њуз, повикувајќи се на шефот на противпожарната служба во градот Ахваз, објави дека експлозија на гас усмртила четири лица.
Тасним ги демантираше гласините дека експлозијата во Бандар Абас била обид за напад врз командантот на морнарицата на ИРГЦ, Алиреза Тангсири.
Државната новинска агенција ИРНА објави фотографија од делумно уништениот преден дел на повеќекатна станбена зграда. Државната телевизија соопшти дека експлозијата била предизвикана од истекување гас.
Наскоро треба да започне тридневна поморска воена вежба на ИРГЦ во Персискиот Залив, во која се очекува да учествуваат и Кина и Русија.
Маневрите се најавени во период кога американскиот претседател Доналд Трамп распореди флота, вклучително и носачи на авиони, во регионот.
Трамп во повеќе наврати ѝ се закануваше на власта во Техеран со интервенција, поради, како што наведе, бруталното задушување на протестите од страна на иранскиот безбедносен апарат.
Текстот Експлозии пријавени низ Иран е превземен од МАКФАКС.























