Предлог буџетот за 2023 година со сеопфатен план е насочен кон ублажување на последиците од енергетската криза, обезбедување непречено финансирање на евроатланските интеграции, исполнување на НАТО стандардите, но, она што е најважно, за бизнис секторот, е што со него се поставува основа за економско заздравување и обезбедување забрзување на економскиот раст, нагласи вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими на конференцијата „Македонската економија во двоен шок – каде се движиме?“, што се одржува во рамки на проектот „М6 Чекор напред“.

Министерот нагласи дека клучно е тоа што предложениот буџет за 2023 година се темели на цврстата определба за одржување на макроекономската стабилност и натамошна фискална консолидација на среден рок, односно е дизајниран за исполнување на определбата за фискална консолидација, која ќе се спроведе постепено, а истовремено нема да му наштети на економскиот раст

– Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повисоко во однос на планот за 2022 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Тие се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството, наведе Бесими.

Тој посочи дека покрај поддршката на економијата преку капиталните инвестиции, во буџетот се одвоени и над седум милијарди денари за мерки за поддршка на стопанството, во вид на субвенции за приватен сектор, наменети за поддршка на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативна дејност, технолошки развој и истражување, нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање нови вработувања и слично. Министерот нагласи дека внимание е посветено и на родово одговорните буџетски политики, меѓу другото, и преку финансиска поддршка на женското претприемништво.

– Во посебна програма за антиркизни мерки за справување со последиците од енергетската криза се предвидени 10 милијарди денари, што е за три милијарди денари повеќе од оваа година со Ребалансот на буџетот и 4,5 милијарди денари се антиркизни мерки во енергетскиот сектор, нагласи министерот за финансии.

Тој потенцираше дека економскиот раст во 2022 година е проектиран на 3,2 отсто, кој се очекува да се забрза и во периодот 2023-2027 година, согласно основното среднорочно сценарио, да достигне просечни годишни стапки од 5,4 проценти.

– Реалниот раст на бруто-инвестициите во периодот 2023-2027 година се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,8отсто и тоа преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, унапредување и олеснување на инвестициската клима, отварање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија, нагласи Бесими.

Министерот додаде дека се очекува солиден придонес врз економскиот раст да има извозот кадешто е предвидено да забележи просечен годишен раст од 8,7 отсто во периодот 2023-2027 година.

– Приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 3,3 проценти во 2022 година, а поволните движења кај приватната потрошувачка да продолжат во периодот 2023-2027 година, за кога е проектиран просечен годишен раст од 3,7 отсто, Растот на јавната потрошувачка е проектиран на 1,2 проценти во 2022 година и се очекува таквата динамика да продожи и во периодот до 2027 година. Среднорочните фискални проекции имаат силна развојна компонента, со значајно учество на капиталните расходи од четири отсто во БДП на годишно ниво и претставуваат клучни елементи на јавните финансии, потенцираше Бесими.

Министерот за финансии информираше дека вкупните приходи на Буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 282,1 милијарди денари и истите се за 14,8 проценти повисоки во однос на 2022 година, вкупните расходи во Буџетот за 2023 година се планирани во износ од 324,8 милијарди денари, или за 36,3 милијарди денари или 12,6  отсто повисоки во однос на 2022 година.

– Тековните расходи за 2023 година се планирани во износ од 275,9 милијарди денари или за 7,6 отсто повисоки, а со нив се обезбедува редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор. Расходите за стоки и услуги се проектирани на ниво од 23,6 милијарди денари и е за два отсто повисоки во однос на 2022 година, наведе Бесими.

Министерот посочи дека тековните трансфери и субвенции се планирани на ниво од 204,5 милијарди денари, односно повеќе за 7,8 отсто или за околу 14,7 милијарди денари.

– За социјални трансфери се проектирани 144,8 милијарди денари од кои 75 милијарди денари се за пензии согласно новата методологија, 12,5 милијарди денари се за социјална заштита на најранливите словени, 1,5 милијарда денари за паричен надоместок во случај на невработеност, за здравствената заштита е планирана со дополнителен износ од 3,9 милијарди денари во однос на 2022 година и изнесува 42,1 милијарди денари и слично, информираше Бесими.

Министерот за финансии заклучи дека инклузијата е најдобриот модел за да се добијат најдобрите и најоптималните мерки и политики што треба да се спроведат во една земја, а се насочени кон целокупен напредок.