Финска е нова членка на НАТО. Историски момент и важен чекор напред за понатамошно зајакнување на трансатлантската стабилност, објави министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот профил на Фејсбук по повод приемот на Финска во членство во Алијансата.
– Северна Македонија, како членка на НАТО е силен поддржувач на политиката на Отворени врати на Алијансата. Очекуваме што поскоро Шведска да стане дел од трансатлантското семејство како значаен влог во понатамошното зајакнување на Алијансата и зачувувањето на безбедноста на сите сојузници, наведе Османи.
Финска беше примена во членство во НАТО на денешниот состанокот во Брисел на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата, на кој учествува и Османи.
На маргините на состанокот, Османи имаше средба со неговиот естонски колега Урмас Реинсалу, при што истакна дека имајќи ја предвид геополитичката ситуација, вклучително и во регионот на ОБСЕ, оваа Организација е, и треба да остане, една од најзначајните меѓународни платформи за дијалог.
– Разговаравме и за останатите приоритетни прашања во работата на ОБСЕ за време на претседавањето на Северна Македонија со Организацијата во 2023 година и напоменав како организација, ОБСЕ е потребна на светот како никогаш претходно, наведе на Фејсбук Османи, кој воедно е и актуелен претседавач со ОБСЕ.