Бленди Ходаи:

Не очекував дека 140 денари студентски оброк ќе отворат толку голема дискусија за тоа во каква држава живееме. Изминативе денови добив стотици пораки и коментари. Некои ме насмеаја, некои ме налутија, а некои искрено ме растажија.

На сите што ни дадовте поддршка, од срце ви благодарам. А на оние што ме навредуваа, исто така. Барем отворивме разговор за нешто за кое предолго се молчеше.

Но, нешто ме загрижува. Како дојдовме до тоа обичните граѓани да се караат меѓу себе за 140 денари студентски оброк, додека оние со најголемите плати и привилегии ни објаснуваат дека нема пари?

Ние се бориме да преживееме, додека тие се борат да си ги зачуваат привилегиите. А ние, наместо да бараме одговорност од нив, се караме меѓу себе.

И да бидеме јасни, не бараме милостина. Бараме институциите да ги почитуваат сопствените закони и граѓаните на кои треба да им служат. Ова никогаш не било само за студентскиот оброк, туку за достоинството на сите нас.

Не мора да се согласувате со мене, ниту да ме сакате. Но имаме многу повеќе заеднички маки отколку причини да се мразиме. Замислете само колку работи би можеле да промениме ако енергијата што ја трошиме напаѓајќи се меѓу себе ја насочиме кон оние што одлучуваат за нашите животи.

Јас сè уште верувам дека оваа држава убава пак ќе никне. Не затоа што некој од горе ќе ни ја среди, туку затоа што сè уште има луѓе што не се откажуваат од неа.

Ви благодарам што деновиве ми покажавте дека не сме сами. ❤️