Азир Алиу
Во романот „Сјајот и падот на другарот Зило“, Дритеро Аголи не создава само сатиричен портрет на функционер опиен од власта. Тој ја деконструира логиката на владеење во која зборовите ја заменуваат работата, состаноците–одлуките, а одговорноста се губи низ ходниците на администрацијата. Другарот Зило остава впечаток дека е секогаш зафатен. Развива концепти, поставува насоки, иницира извештаи, организира состаноци и настојува секоја активност да ја претстави како дел од поширока визија. Создава впечаток дека располага со ексклузивни сознанија и дека единствено тој може правилно да ја протолкува сложеноста на состојбата. Но зад впечатокот на постојана активност, суштината останува непроменета: зборовите се натрупуваат, извештаите се множат, а суштинскитепроблеми остануваат нерешени.
Аголи не го претставува Зило само како неспособен поединец, туку како производ на систем што ја вреднува фасадата повеќе од суштината, послушноста повеќе од компетентноста и привидот на работа повеќе од резултатот. Токму затоа, денешната администрација на Гостивар неизбежно потсетува на светот од овој роман. Не затоа што состојбата остава простор за хумор. Напротив, таа е премногу сериозна за да се сведе на иронија. Но паралелата станува неизбежна кога, пред чешма од која граѓанинот не се осмелува да наполни ни чаша вода, институциите произведуваат повеќе објаснувања отколку решенија. Следуваат соопштенија, прес конференции, координативни средби, комисии, анализи и спротивставени институционални толкувања. Активноста се претставува како резултат, постапката како решение, а комуникацијата како замена за дејствување. Сепак, семејствата во Гостивар не прашуваат колку институции заседавале и колку извештаи биле подготвени. Тие прашуваат каде денес ќе обезбедат безбедна вода.
Соопштението може да ја опише кризата, но не ја полни чашата. Јавната одговорност почнува таму каде што завршуваат објаснувањата, а започнува дејствувањето. Сепак, би било неодговорно целата состојба да се сведе на една пумпа, една наредба или еден пропуст; индивидуалната одговорност треба да ја утврдат истрагата и правосудството. Но водоснабдителнитесистеми не се распаѓаат за еден ден, тие се разградуваат со години, преку занемарени предупредувања, одложени инвестиции и привремени решенија претставени како реформи.
Ревизорскиот податок од 2019 година е сериозно предупредување: приближно 81 процент од водата во Гостивар била нефактурирана или неконтролирана, категорија што ги опфаќа физичките загуби во мрежата, нелегалната потрошувачка, непрецизните мерења и несоодветно евидентираните количества. Тоа не е доказ за микробиолошко загадување, но е јасен показател за длабоки слабости во мерењето, надзорот, одржувањето и управувањето. Претпријатие што не знае каде завршува најголемиот дел од водата што влегува во мрежата нема само финансиски проблем туку има и управувачка слепа точка. Без точни податоци за влезот, загубите и количеството што стигнува до потрошувачите, тешко може уверливо да се тврди дека системот е под контрола.
И во 2024 година граѓаните на Општина Гостивар се соочија со забрана за употреба на водата, овојпат поради зголемено присуство на манган. Во истиот период беа објавувани анализи со различни заклучоци за квалитетот на истата вода. Забраната подоцна беше укината, но случајот требаше да послужи како сериозен аларм за зајакнување на мониторингот, стандардизирање на земањето примероци и воспоставување транспарентен систем за информирање на јавноста. Наместо тоа, со укинувањето на забраната случајот беше затворен без видливи системски подобрувања и без акциски план на Општината за санација и модернизација на водоводната мрежа.
Оваа година самото комунално претпријатие информираше за дотраена мрежа, дефекти, недостиг на вода и слаб притисок, додека истовремено апелираше за порационална потрошувачка. Одговорното користење на водата е обврска на сите, но апелите не можат да бидат замена за управување. Кога мрежата губи огромни количества вода, цевководите се амортизирани, а стабилниот притисок не е обезбеден, одговорноста мора да се мери според состојбата на системот и резултатите од неговото управување. Тука повторно се препознава логиката на другарот Зило: полесно е да се дисциплинира јавноста отколку да се реформира системот. Одговорната администрација бара рационално однесување од граѓаните, но најнапред полага сметка за сопствената работа, колку вода се губи и каде, колкав дел од мрежата е обновен, колку мерни уреди се заменети, колку средства се вложени и до кога загубите ќе бидат намалени.
Гледана во овој контекст, хронологијата од последните недели повеќе не изгледа како случајност изолирана од минатото. Таа изгледа како завршница на серија предупредувања што не довеле до потребната реформа.На 24 јуни граѓаните на Гостивар беа информирани дека водата не е безбедна за употреба поради технички интервенции поврзани со подобрувањето на притисокот во мрежата. На 29 јуни јавноста беше известена дека примероците земени од неколку локации биле исправни од бактериолошки и физичко-хемиски аспект и дека водата може да се употребува. На 17 јули, по зголемувањето на бројот на пациенти со гастроинтестинални симптоми, Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани употребата на водата поради основано сомнение дека таа е загадена и небезбедна. Само еден ден подоцна, Институтот за јавно здравје препорача водата да не се користи за пиење, готвење, миење овошје и зеленчук, подготовка на кафе, чај и мраз, миење заби и хигиена на рацете. За пиење не се препорачуваше ниту по превривање.
За краток временски период, граѓанинот доби три пораки за истата чешма: Водата не е безбедна, водата е безбедна, Не користете ја. Ова не е само комуникациски пропуст. Ова е пукнатина во јавната доверба. Кога официјалниот став се менува, а притоа јасно не се објаснува што се променило во примероците, локациите, методологијата или лабораториските параметри, граѓанинот не е информиран. Тој е дезориентиран.
Еден исправен резултат од одредена точка, добиен во одреден момент, не може автоматски да се претстави како апсолутен сертификат за секој дел од мрежата, за секое маало и за секој час од денот. Професионалниот заклучок мора да објасни каде е земен примерокот, кога бил земен, кои параметри биле испитани и кој дел од системот тој примерок реално го претставува. Кога овие информации недостигаат, извештајот не ја намалува неизвесноста. Само ја преместува. Секоја празнина што институциите нема да ја исполнат со факти, јавноста ќе ја исполни со страв, сомнеж и гласини. Затоа довербата е дел од јавното здравје.
Системот не се одржува само со лаборатории, цевководи и протоколи. Тој се одржува и со довербата дека информацијата што ја добива граѓанинот е точна, целосна и одговорно соопштена. Затоа, и кога чешмите повторно ќе протечат со чиста вода, прашањето нема да исчезне: може ли на оваа вода да и се верува? Враќањето на водоснабдувањето е само половина од решението. Другата половина е враќањето на довербата, а таа не се враќа со уште едно соопштение, туку со постојана транспарентност, јавно достапни анализи и доследно институционално постапување.
Постапката на Јавното обвинителство мора да продолжи независно, без политичко мешање и без притисоци. Индивидуалната кривична одговорност се утврдува со докази, вештачења и законска постапка, не со политички пресуди и јавни квалификации. Никој не смее да биде прогласен за виновен пред правосудните институции да го кажат последниот збор.
Но податоците што ги објави Обвинителството се премногу сериозни за случајот да се сведе на обичен технички дефект. Според официјалното соопштение, постои сомнение дека на 25 јуни била издадена наредба за поставување три потопни пумпи во канал со површинска вода, непосредно до системот за вода за пиење. Доколку овие наводи се потврдат, би станувало збор за неовластена и противзаконска интервенција во затворен водоснабдителен систем, постапка што директно би ја загрозила неговата безбедност и здравјето на граѓаните.
При увидот на 16 јули, според Обвинителството, две од пумпите се уште биле во функција и преку нив вода од отворениот канал се внесувала во системот за снабдување со вода за пиење. Ова се наводи во рамките на истражна постапка и индивидуалната одговорност допрва треба да се утврди.
Но лабораториските резултати објавени во истото соопштение прикажуваат состојба што не остава простор ниту за релативизирање, ниту за институционална рамнодушност.
Во водата од отворениот канал биле утврдени 2.419,6 единици колиформни бактерии на 100 милилитри, наспроти наведениот максимален лимит од 50. Во примероците од каптираниот извор биле пронајдени 39 единици колиформни бактерии на 100 милилитри, иако референтната вредност требало да биде нула. Во примерок од чешма на улицата ЈНА бил утврден резидуален хлор од 1,1 милиграм на литар, над максималната вредност од 0,5 милиграми на литар наведена во официјалното соопштение.
Ова не се политички метафори. Ова се лабораториски податоци. Токму затоа, случајот не може да заврши само со утврдување дали едно или повеќе лица издале одредена наредба. Истрагата мора да одговори и на многу поширокото прашање: како било можно систем од кој зависи здравјето на десетици илјади луѓе да дозволи ваква интервенција без аларм, без автоматска блокада и без навремена реакција?
Безбеден систем не се гради врз надежта дека никој нема да погреши или да ја злоупотреби својата положба. Тој се гради со процедури што ја прават грешката видлива, со сензори што го откриваат отстапувањето, со регистри што ја документираат секоја интервенција и со институции што веднаш ја информираат јавноста кога ќе се појави ризик. Ако откаже една алка, мора да реагира следната.Ако откаже техничката контрола, мора да реагира лабораториската контрола. Ако потфрли операторот, мора да реагира надзорот. Ако се појават голем број здравствени случаи, епидемиолошкиот систем мора да се активира без одложување. Кога неколку заштитни механизми откажуваат еден по друг, веќе не станува збор само за индивидуална грешка. Станува збор за системска слабост.
Во светот на Аголи, една ваква криза веројатно веднаш би произвела итен состанок. Потоа би се формирала работна група, би се подготвил акциски план, би се изработил извештај за спроведувањето на планот и, на крајот, би се организирала конференција за успешната координација.
Сето тоа можеби е потребно. Но ништо од тоа не ја полни чашата на детето во Гостивар со безбедна вода. Разликата меѓу функционална администрација и администрација од типот на другарот Зило е едноставна: првата го мери резултатот, а втората ја опишува сопствената активност.
Граѓанинот не го интересира колку институции биле собрани во една сала. Го интересира колку литри вода стигнале во неговото маало. Не го интересира колку камиони биле фотографирани пред да тргнат. Го интересира колку семејства реално биле снабдени. Не го интересира колкупати во соопштенијата бил употребен зборот “координација”. Го интересира дали постои сигурен распоред, јасно определено место за распределба и гарантирано количество вода. Кризите не се управуваат со броење изјави.Тие се управуваат со пресметување на потребите и со мобилизирање на капацитетите за нивно покривање.
Според официјалните податоци од Пописот на населението од 2021 година, Општина Гостивар има 59.770 резидентни жители. Во препораките објавени по забраната за употреба на водата, Институтот за јавно здравје проценува дека за пиење и подготовка на храна се потребни најмалку четири литри безбедна вода дневно по лице. Пресметката е едноставна: . Но четири литри по лице ја покриваат само најнепосредната потреба за пиење и подготовка на храна. Тие не се доволни за миење на рацете, основна лична хигиена, миење садови и другите елементарни потреби на едно домаќинство. За поцелосен одговор во вонредни услови, Светската здравствена организација препорачува да се обезбедат најмалку 15 литри вода по лице дневно. СЗО проценува дека околу 20 литри дневно по лице се потребни за да се покријат пиењето, подготовката на храна, основната лична хигиена и хигиената на храната, додека перењето алишта и целосното туширање бараат уште поголеми количества.Според овие стандарди, минималната дневна потреба на Општина Гостивар во услови на криза изнесува: . За пофункционално ниво, кое ги опфаќа пиењето, готвењето и основната хигиена, потребата изнесува: Ако за логистичко планирање се додаде оперативна резерва од 10 проценти, поради можни загуби при транспортот, нерамномерна распределба и осцилации во побарувачката, пресметката станува: Тоа значи дека, за функционално да се покријат основните потреби на целото резидентно население на Општина Гостивар, планската цел треба да биде приближно 1,3 милиони литри безбедна вода дневно. Тоа е вистинската димензија на проблемот. Не колку шишиња се гледаат на фотографиите, туку колкав процент од реалната потреба е покриен. Управувањето започнува токму таму каде што завршува пропагандата: кај споредбата меѓу она што е направено и она што навистина е потребно.
Секој ден треба да се објавува еден единствен и разбирлив биланс: колку литри вода се обезбедени, колку се распределени, кои населби и села се опфатени, колку вода добиле болницата, амбулантите, градинките и објектите за производство и продажба на храна, колку цистерни и пунктови се активни и кои лабораториски резултати се конечни. Сите овие информации треба редовно да бидат објавувани на веб страницата на Општината. Тоа не е само морална обврска. Тоа е основен инструмент за управување со кризата. Без бројки не може да се знае каде има недостиг. Без карта не може да се знае каде треба да се испрати помошта. Без јасно определено одговорно лице не може да се знае кој треба да реагира. Не може да се каже дека Гостивар е снабден со вода само затоа што водата пристигнала во некој магацин. Гостивар ќе биде снабден тогаш кога водата ќе стигне до мајката со бебе, до повозрасниот човек што живее сам, до лицето со попреченост и до семејството што нема сопствен превоз.
Солидарноста на граѓаните, бизнисите, дијаспората и хуманитарните организации може да биде извонредна. Но без координација, едно маало може да добие повеќе отколку што му е потребно, додека друго да остане без ниту едно шише. Луѓето ја создаваат солидарноста.Институциите треба да ја претворат во организиран јавен капацитет.
Во романот на Аголи, падот на другарот Зило не е само пад на еден човек. Тоа е разобличување на цела култура на владеење што ја изгубила врската со реалните предизвици. И во Гостивар одговорноста не може да се сведе само на едно име, една пумпа или една наредба.Мора да се преиспита целиот систем и начинот на кој со него се управувало во изминатите години. Мора да се утврди зошто сигналите за огромни загуби на вода не довеле до видливи реформи. Зошто забраната од 2024 година не резултирала со посилен систем за мониторинг.Зошто градот продолжил да се соочува со амортизирана мрежа, слаб притисок и повторливи вонредни мерки.Зошто граѓаните добивале спротивставени информации за безбедноста на водата. И зошто еден витален систем немал механизми навреме да открие и да спречи потенцијално опасна интервенција.
Кривичната одговорност е индивидуална и неа мора да ја утврди правосудството. Но политичката одговорност е поширока. Моралната одговорност му припаѓа на оној што го познавал ризикот, а не реагирал. Професионалната одговорност му припаѓа на оној што давал гаранции без да располага со доволно податоци. Менаџерската одговорност му припаѓа на оној што, дури и откако кризата започнала, продолжил да ги брои состаноците наместо да ги брои литрите.
Оваа состојба не е производ само на еден лош ден. Таа е резултат на начин на владеење што со години ја третирал водата повеќе како тема за соопштенија отколку како критичен систем што бара инвестиции, мерење, одржување, контрола и постојана одговорност. За сето ова ќе мора да зборуваме со документи, датуми и имиња, веднаш штом постапките ќе бидат комплетирани.
Сериозните општества не ја градат правдата врз моменталниот гнев. Но не го користи ниту времетраењето на истрагата како оправдување за молчење и пасивност.Денес прашањето е многу поедноставно и многу подиректно: Дали секое семејство во Гостивар има безбедна вода? На граѓанинот не му е потребен нов другар Зило што ќе му објаснува колку е сложена ситуацијата.Му се потребни институции што разбираат колку е едноставна, човечка и животно важна неговата потреба:да отвори едно шише, да наполни една чаша вода, да му даде вода на своето дете и да не се плаши.
Кога чешмата е затворена, власта не смее да произведува само објаснувања. Таа мора да произведува сигурност, доверба и решенија.




















