Ацо Велковски, координатор на СДСМ во Третата изборна единица, отвори прашање за тоа колку од природните и економските богатства на Македонија навистина се враќаат кај граѓаните.
„ИМАМЕ БОГАТА ЗЕМЈА. ЗОШТО НАРОДОТ Е СÈ ПОСИРОМАШЕН?“, пишува Велковски, посочувајќи ги електричната енергија, водата, земјиштето, минералните богатства, инфраструктурата и компаниите што создаваат профит како дел од ресурсите и економскиот потенцијал на државата.
Тој поставува прашање кој има најголема корист од богатството што го создава Македонија и дали дел од стратешките ресурси и компании треба да бидат во јавна сопственост, со професионално управување, транспарентност и корист за граѓаните.
„Колку од богатството на Македонија навистина останува кај нејзините граѓани?“, прашува Велковски.
Во својата објава тој отвора и поконкретна тема – дали враќањето на дел од поранешните државни компании во јавна сопственост би можело да обезбеди повеќе средства за здравството и образованието, како и повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард.
„Не велам дека тоа е единствениот одговор. Но мислам дека е прашање за кое вреди сериозно да разговараме“, наведува Велковски.
Објавата ја завршува со порака: „Убаво утро. И убав ден за размислување.“























