Никица Корубин

Времето е најдобар тест, велат, особено временската дистанца за да се види намерата и матрицата на однесување. И токму “црвената линија” во тој модел на однесување ја открива природата на односот кон некое прашање или носител на тоа прашање. Кај нас, несомнено “црвената линија” била и останала европската и евро-атлантската интеграција – ЕУ како систем на вредности и систем на одржливост. Политичка, економска, безбедносна, културолошка, цивилизациска и фактичка, егзистенцијална одржливост на нормална, организирана и функционална држава Северна Македонија.

И така и (првенствено) низ таа призма треба да се набљудуваат сите процеси и реакциите на процесите кои се одвиваат кај нас. Кои “јавноста” може да ги третира и претстави како партиски процеси (внатре и интер партиски), како политички, како идентитетски, како интер-етнички, како религиозни, како културолошки, како медиумски – појавноста и параванот се само обландата која се “голта”. Како “лесна” вест или интересна интрига. Но, суштината останува – зошто ЕУ и се’ што е поврзано со евроинтеграцијата е се’ уште “најболната тема” која треба да биде “забранета”? Или барем анатемисана.

Тој “паничен” страв од рационализирање на европските интеграции и нивно логично поврзување со систем на вредности и добар живот за граѓаните, а не со “пакет на (идентитетски) жртви” е најконзистентната партиско-партократска политика и наратив во јавниот дискурс во 35 години независност на државата.

Во која “јавноста” може да ја “прости” и да се “адаптира” на секоја грешка (непотизам, корупција, криминал, заробена држава, заробено општество, институционална узурпација, образовна и академска узурпација, систематско уништување на културното наследство, апатија) – но, никако не може да се “прости” евро-интеграцијата како ултимативен и единствено одржлив и можен систем за “исправка” на сите наведени (и многу други) намерно направени грешки низ годините. Ниту како реторика, а не па, како делување и политички одлуки. И особено не може да се “прости” како поддршка на граѓаните за интеграција во ЕУ од преку 70 проценти.

И кога ќе се погледне временската отсечка на нашата независност ќе се види дека сите “шокови” на “ системот” – оној на заробената држава – настануваат тогаш кога државата се приближува и интегрира во светот, кога го потврдува своето постоење. Кога се интегрира во Обединетите нации, кога се интегрира во ЕУ, кога се интегрира со соседите членки на ЕУ – Грција и Бугарија, кога се интегрира внатрешно – Македонци и Албанци, кога се интегрира религиозно (признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патијаршија), кога се интегрира вредносно.

Од Времената спогодба во 1995 година, која требаше во рок од 7 години да го затвори спорот со Обединетитие нации (Грција), преку Рамковниот Охридски Договор во 2001 година, преку формалното отпочнување на преговорите со Европската Унија во 2004 година, преку студентските и граѓанските протести во интервали од 2009 па се’ до 2015/2016 година до СЈО, последователно преку Договорот со Бугарија во 2017 година и Преспанскиот договор во 2018 година, уставните измени во 2019 година, влезот во НАТО во 2020 година, па се’ до последниот “шок” на “системот” – Преговрачката рамка во 2022 година. Пролонгиран “шок” кој активно трае.

И сите до еден се поврзани со градење на современа, независна и автентична држава и нејзино интегрирање во регионот, Европа и светот. Во Обединетите нации, во НАТО и во ЕУ. Последниот праг кој како да не смее да се помине. Ментално и фактички. Патот да биде обременет со жртви, но не оние реалните, туку оние фиктивните – нарацијата како замена за реалноста. Па, така во креираниот дискурс “за жртвите кои сме ги дале”, никогаш како жртва не се претставени реалните и метафорички атентати – врз претседател на држава, врз функционалност на институции, врз сопственото културно наследство, врз сопственото образование, врз сопствените граѓани, врз меѓу-етничките односи, врз сопствената држава, нејзиниот устав и нејзината позиција во меѓународните односи.

Ништо од тоа не е “грев”, ама “грев” е про-европската реторика? “Грев” е “алфа и омега” темата од која зависи, буквално се’ друго – фактичката правна и политичка ЕУ интеграција, која значи процес на “прочистување” и реформа, низ кластерите и поглавијата? “Грев” е “Бугари во уставот”, а не е “грев” е флагрантното непочитување, дезавуирање и обиди за суспендирање на сопствениот устав? “Грев” е меѓународното позиционирање на државата преку Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор и нејзината стабилност, хуманост и еднаквост со Охридскиот рамковен договор внатре?

И дали всушност, ова беше и најголемиот “грев” на ДУИ како организирана политичка структура низ годините, па го поминува “страшниот суд на јавноста” изминативе години? Дали ова е и главниот “грев” во изминатива половина година на СДСМ, па истиот “страшен суд на јавноста” е преместен од ДУИ на нив? Тоа ли е главниот “грев” во Северна Македонија, издигната речиси на ниво на “вербален деликт” во јавниот говор – ЕУ и интеграцијата на државата во ЕУ? Казната само за тоа ли “стигнува”, за желбата и намерата за нормален живот, па превентивно или пост-фестум се “уништува” секоја форма која тоа може или треба да го овозможи?

Но, историјата секога е прашање на контекст. Таа не е прашање на допадливост, туку на достапност. Целта и јасната идеја за неа, секогаш се потпира на факти и вистина. И токму затоа таа секогаш се заматува и се де-контекстуализира. За да не се добие одговорот, кој го чекаат граѓаните 35 години – зошто она што за нас е “сон”, за вас е “грев”? Поради контролата и монополот или поради самата идеја за независност? Кој е “гревот” што го правиме и кој е “гревот” што ни’ се наметнува?