Фатмир Битиќи
Во последните денови повторно, како ехо на авторитарно време кое мислев дека е зад нас, се наметна една теза: дека партијата им дала сè на луѓето. Изговорена можеби како порака за лојалност, но доживеана како потсетник дека поединецот треба вечно да биде должен. Како човекот да е политички производ, а не личност со труд, став, биографија, интегритет и јавен придонес.
Тоа ме натера да размислам за едно суштинско прашање: кој кого издигнува – партијата луѓето или луѓето партијата?
Одговорот, барем за мене, е јасен.
Ниту една политичка партија не се раѓа како институција сама по себе. Нејзините простории, логото и името немаат вредност ако зад нив не стојат луѓе. Партијата е онолку силна колку што се силни нејзините членови, нејзините идеи и довербата што ја ужива кај граѓаните. Ова разбирање на партијата нè води кон една важна вистина, а тоа е дека партијата не смее да биде култ кон структурата, туку простор во кој човекот се брани од понижување, без разлика дали тоа понижување доаѓа од економска, државна или партиска моќ.
Особено ова треба да важи за Социјалдемократскиот сојуз на Македонија(СДСМ), партија која своето постоење го темели на еднаквоста, солидарноста и достоинството на човекот. Социјалдемократијата никогаш не била идеологија на благодарност кон лидерите, туку на одговорност кон граѓаните.
Затоа, кога ќе се каже дека „партијата им дала сè на луѓето“, вреди да се постави и спротивното прашање: кој ја гради таа партија?
Угледот на партијата не е дело на неколкумина што во одреден момент се нашле на раководни позиции. Тој е изграден од илјадници членови, активисти и симпатизери кои стоеле зад секоја победа, секоја кампања, секој освоен глас и секој тежок период, често без да побараат нешто за себе. Партијата не се гради во еден кабинет. Ја издигнуваат луѓето што лепеле плакати на дожд, што разговарале со граѓани кога било најтешко и што ја бранеле идејата и тогаш кога таа не носела функција, а носела товар.
Погрешно е партијата да се претставува како добротворна организација што дели животни шанси и од луѓето да се очекува вечна благодарност. Партијата е политичка заедница на луѓе со слободна свест, кои се поврзуваат околу исти вредности. Функциите не се подарок. Тие се доверба. А довербата не е вечна – таа се заслужува и се оправдува секој ден. Ниту еден мандат не е милостина од партијата. Мандатот доаѓа од граѓаните. Партијата може да предложи, но граѓаните се тие што даваат политичка легитимност.
Длабоко недемократски е кога нечија вредност се мери со тоа дали би добил мандат без партијата. Ова е логика што го сведува човекот на место на листа, а не на политички субјект. Таа го брише трудот, знаењето, одговорноста, јавната препознатливост и личниот придонес. Како сè што човекот направил да не постои, ако партиската структура реши дека не треба да постои.
Историјата покажува дека партиите почнуваат да слабеат токму тогаш кога ќе поверуваат дека членовите постојат заради нив, а не обратно. Кога критичката мисла се заменува со безусловна лојалност, а различното мислење се доживува како предавство, тогаш се губи демократскиот дух што ја прави една политичка организација жива. Во таков момент, партијата престанува да разговара со луѓе и почнува да ги дисциплинира. Ставот станува непослушност, интегритетот се претвора во долг кон структурата, а уверувањето се заменува со покорност.
Силните партии не се плашат од силни личности, затоа што знаат дека политичката организација расте кога во неа има луѓе со став, интегритет и сопствен кредибилитет. Таквите луѓе не ја ослабуваат партијата, напротив, ѝ даваат тежина, препознатливост и виталност. Несигурното раководство, пак, секоја индивидуалност ја гледа како ризик, секој автономен став како непослушност, а секој личен придонес се обидува да го претстави како долг кон структурата.
Ако денес некој е убеден дека партијата им дала сè на своите членови, тогаш треба да се запраша и што тие ѝ дале на партијата. Колку време, колку труд, колку непроспиени ноќи, колку лични жртви, колку изгубени приватни моменти и колку политички ризици се вградени во секој успех што денес се зема здраво за готово?
Ниту една партија не смее да стане поважна од вредностите поради кои постои. Зошто кога ќе се заборави дека човекот е во центарот на политиката, тогаш политиката престанува да биде служба, а станува средство за одржување на моќта. А кога партијата ќе почне да зборува како да е сопственик на човечката вредност, тогаш таа веќе не ја брани идејата. Ја заменува со организациска самодоволност, која на крајот секогаш станува автодеструктивна.
Социјалдемократијата не смее да го прифати и нормализира тој јазик. Не може да каже: „ти си нешто затоа што ние сме ти дозволиле да бидеш“. Социјалдемократијата треба да каже: „ти имаш достоинство, глас и вредност, а нашата задача е да создадеме простор тоа да служи на јавниот интерес“. Во прашање е суштинската разлика меѓу солидарност и потчинување. Солидарноста го исправува човекот, додека пак потчинувањето го наведнува.
Верувам дека партиите можат да создадат можности. Но, луѓето се тие што создаваат доверба, резултати и историја. Без нив, секоја партија е само име на хартија.
Вистинската порака не треба да биде дека луѓето ѝ должат сè на партијата. Треба да биде дека партијата никогаш не смее да заборави кому му го должи своето постоење.
Бидејќи, на крајот, партиите не се вечни. Тие можат да растат, да слабеат, па и да исчезнат. Вредностите остануваат. А нив секогаш ги носат луѓето со достоинство.
















