Никица Корубин
“Нормализирањето” на насилството и уште пострашно неговото “оправдување” или игнорирање, е секогаш на директна штета на граѓаните, нормалноста на нашите животи и функционалноста на целото општество во кое егзистираме. И тоа е веројатно една од посакуваните цели на она што го нарекуваме “колективна апатија” – состојба на длабока разочараност и недоверба во “излезно решение” – па, затоа секој индивидуално одлучува, за сопствена психолошка заштита, да ја релативизира и селектира грижата за очигледното варварство.
Како што беше нападот (подметнувањето на пожар на службени возила) во центарот на Скопје, на сред бел ден, на имот на туѓа држава – Бугарија – прв сосед, чија безбедност е ултимативна одговорност на државата и службено и реторички. Константното “хранење” на антагонизам и фобија, директно и индиректно, отворено и суптилно, политички и метафорички; резултира со “комоција” во напад – не само кон друга држава, туку директно кон интересите на сопствената држава – демократско и стабилно општество, земја член на НАТО и идна членка на Европска унија.
Бидејќи, членството, освен што подразбира критериум, правила и принципи, подразбира и цивилизирано поведение. А, тоа, како и воспитанието на децата, не е пропишано во ниту еден закон, туку се подразбира само по себе. Границата на културно и цивилизациско поведение, е токму составен дел и на самиот идентитет, како континуитет на цивилизиран живот, низ годините и вековите.
А, со цивилизираното поведение може само да се солидаризираме. Како што, не случајно, прва која се солидаризираше со Бугарија во врска со нападот врз бугарската амбасада, беше Француската амбасада во Севена Македонија, па потоа канцеларијата на Европската унија кај нас, и на крајот и Германската амбасада кај нас. Како врвен преседан и симболично “исцртување на црвената линија” на прифатливо европско, цивилизациско и идентитетско поведение.
Кое се очекува и од формалната власт, но и од целиот политички и општествен естаблишмент, кој бескрајно ламентира за “сопствените чувства и жртви”, а брутално ги игнорира и релативизира туѓите. Како што е случајот со секој вештачки наметнат наратив, на лажна грижа. Како што можеме да се солидаризираме, а истото да го побараме и од нашите власти и влијателни структури, со повикот и на официјалните власти на Бугарија и на нивното (нападното) дипломатско претставништво тука, против било каква форма на блокади како своевидна “освета”; поетски надополнето со оставањето на бели рози на нашиот дипломатски имот во Бугарија.
Затоа што, многу добро ја знаат разликата помеѓу природната комуникација на граѓаните меѓу двете земји и општества, и политичкиот наратив кој мора да го следи истото ниво и длабочина. И прашањето зошто го прави токму спротивното, е ексклузивно наменето за нас. И оваа европска солидарност, доаѓа симболично токму од Франција и Германија, кои на неодамнешниот самит на Западниот Балкан со ЕУ во Црна Гора, преку нашиот премиер, дадоа поддршка на нас граѓаните и државата за (само)блокираната евроинтеграција, кои нашите избрани претставници беа должни да ни’ ја пренесат.
Поддршка, содржана и во извештајот на Европскиот парламент, за исполнување на превземените обврски, за внесување на Бугарите во уставот, кога во истиот момент “без дополнителна политичка одлука” веднаш започнуваат преговорите со ЕУ. Поддршка, за основните темели на државноста, правно сублимирани преку меѓународните договори (Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија), како и Охридскиот рамковен договор, чие прекршување експлицитно се нотира во самиот извештај.
Исто како и експлицитното нотирање на “илибералниот режим во Србија” како реален проблем и за нас како НАТО членка и земја кандидат за ЕУ; кој можеби можеме да го третираме како европски одговор на влијанието на концептот на “српскиот свет” кај нас, преку контра-влијание: потребата од европска Северна Македонија, со постигнати сериозни меѓународни договори (зад кои стојат Обединетите нации, Евроспката унија и САД), како пример и за самото српско општество или било кое друго општество во поблискиот и поширокиот регион.
И всушност, овој бурен период, со “ситни и крупни” провокации, со “идентитетски миш-маш” во Тетово, напад на бугарската амбасада, систематско суспендирање на Охридскиот рамковен договор, неточно поистоветување на историјата со наследениот наратив за неа, отворен “академски грабеж и научно српско присвојување” на сакралното средновековно византиско наследство, одбивање на историја, но и реалност базирана на факти, со брутално медиумско преплавување со манипулации и антагонизми – е своевидно компресирање и кулминација на внимателно градените “алатки” низ годините: албанофобијата и бугарофбоијата.
И замислете да не постојат тие во јавниот простор и дискурс; замислете да немаме кого “да мразиме”, и да немаме “насока” кого мора да сакаме, што ќе “остане”? Дали ќе остане чистиот, историски потврден космополитизам, оној уште од Александар Македонски, на ултимативно почитување на различностите, на соседите, на најблиските, дали всушност ќе остане она што секогаш требаше да го имаме – европска, цивилизирана, средена, функционална и убава земја? ЕУ и европската солидарност, тоа го сакаат од нас, а зарем ние самите сакаме нешто друго?
















