Насер Селмани
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, наместо да придонесува за национално единство, сè повеќе делува како продолжена рака на пропагандата на власта. Нејзиниот најнов политички наратив е барањето Северна Македонија да се оценува според исполнувањето на Копенхашките критериуми,кои ако се исполнат се станува членка на ЕУ. Таа ги користи овие критериуми како аргумент за оправдување на владината политика, која фактички ги блокира преговорите за членство со Европската унија. Доколку власта навистина беше посветена на исполнување на тие критериуми, немаше да создава политичка драма околу внесувањето на Бугарите во Уставот.
Ако навистина се применуваше логиката што ја бара Силјановска — земјата да се вреднува според исполнетоста на Копенхашките критериуми — тогаш оценката за Северна Македонија би била многу неповолна. Прво земјата со години наназад нема избори што целосно ги исполнуваат стандардите за слободни, фер и демократски избори. Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР користи чудна формулација, оценувајќи ги изборите како „конкурентни“, што е далеку од највисоките демократски стандарди. Ако ни се суди според Копенхашките критериуми, Северна Македонија би потфрлила токму на првиот и основен услов — функционирање на демократски институции и организирање слободни и фер избори.
Силјановска бара Копенхашки критериуми за земја, која во 2015 година, од експертската група на Европската унија, беше оценета како заробена држава. Германскиот експерт Рејнхард Прибе тогаш изготви препораки како земјата да се демократизира, но ниедна влада досега не покажа сериозна посветеност да ги имплементира нив.
Третиот механизам преку кој Европската унија го оценува исполнувањето на Копенхашките критериуми на земја кандидат е годишниот извештај. Во тие извештаи, земјата добива сè посериозни забелешки за неисполнување на клучните политички критериуми, како што се владеењето на правото, независноста на судството и ефикасната борба против корупцијата. А тука се и етничките тензии, кои власта често ги користи за продлабочување на поделбите и за дефокусирање од сопствената неспособност да испорачува резултати и да спровува суштински реформи.
Тогаш се поставува прашањето: зошто Силјановска толку инсистира на Копенхашките критериуми кога е јасно дека државата има сериозни проблеми во нивното исполнување? Изгледа дека станува збор за свесна замена на тезите — обид вниманието да се тргне од суштинскиот проблем: одбивањето на власта да ја прифати и спроведе Преговарачката рамка, како и недостигот од политичка волја за распуштање на заробената држава.























