Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, утрово пристигна во Киев, каде што ќе се обиде да ги увери украинските власти дека поддршката од Европската унија за Украина продолжува, јавуваат агенциите.

Борел е првиот европски функционер кој ја посетува украинската престолнина по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Новиот американски претседател во кампањата најави можност за прекин на поддршката на Вашингтон за Украина во нејзината борба против руската инвазија.

„Од почетокот ја поддржуваме Украина и од мојата последна посета ја носам истата порака – ќе ве поддржиме колку што можеме“, изјави Борел, истакнувајќи дека Европската унија останува верна на својата поддршка за Украина.

Тој додаде дека никој не може точно да предвиди како ќе се однесува новата американска администрација, особено со оглед на тоа што претседателот Џозеф Бајден има уште два месеца на функција. Според проценките, Европската унија од почетокот на руската инвазија во Украина потрошила околу 125 милијарди долари на различни облици на поддршка, додека помошта од САД изнесува над 90 милијарди долари.

Текстот Жозеп Борел пристигна во Киев за да ја потврди поддршката на ЕУ за Украина е превземен од МАКФАКС.