Вонредна состојба во Словенија поради поплавите. Црвениот аларм останува на сила речиси во целата земја. Штетите се многубројни, бидејќи реките се излеале од коритата, и поплавени се патиштата. Словенечката агенција за животна средина го подигна алармот на највисоко ниво откако поројните дождови ги погодија северните, северозападните и централните делови на земјата. Околу 16.000 луѓе останаа без струја, а застој имаше и во железничкиот сообраќај. Силното невреме блокираше многу населени места, патишта и урна мостови. Илјадници луѓе се евакуирани.

Засега се потврдени 3 жртви од лошото време, од кои двајца се холандски државјани. Словенечкиот премиер Роберт Голоб рече дека поплавите може да се сметаат за најлоши од независноста на земјата .

„Можеме да кажеме дека вакви поплави не сме виделе, веројатно ова се најлошите поплави откако државата стана независна во 1991 година. Обемот на поплавите е катастрофален. Бараме што е можно поголема помош. Сакам да кажам дека ситуацијата е застрашувачка, особено во однос на инфраструктурата“, рече Глоб.

Во меѓувреме, во Хрватска, властите го подигнаа алармот за невреме во пет региони, предупредувајќи дека може да има прекини на струја и вода. Поради временските услови, тревога е објавена и во Босна и Херцеговина. Се очекува силно невреме да ја погоди и Италија. Во Милано се затворени парковите и другите површини каде што има засадени дрвја, поради страв дека може да паднат и да претставуваат опасност за граѓаните. Експертите велат дека екстремните временски услови делумно се предизвикани од климатските промени. Делови од Европа ова лето доживеаја високи температури и се соочија со шумски пожари.

Прикажи повеќе