Зеленски најави кога очекува голема руска офанзива

Русија испрати дополнителни трупи во Очеретин во источна Украина во обид да ја засили офанзивата таму, но украинските сили сè уште го држат селото, очекувајќи дека испораките на американско оружје ќе го свртат бранот во нивна корист, соопшти денеска украинската војска.

Руските трупи постепено напредуваа и поминаа низ најмалку шест села на источниот фронт откако го освоија клучниот град Авдијевка во февруари, додека исцрпените украински војници ја рационализираа употребата на артилериска муниција. Во Очеретин денеска се водеа жестоки борби, но Назар Волошин, портпарол на Источната воена команда, вели дека украинските сили ја имаат ситуацијата „под контрола“ и контролираат две третини од селото, објавија украинските медиуми.

Тој додаде дека украинските воени сили успеале да гранатираат дел од селото окупирано од руските сили и дека „непријателот е блокиран“ и дека „се преземаат соодветни чекори за нивно протерување од таму“.

На источниот фронт, на север, руските сили се обидуваат по секоја цена да го освојат стратешки важниот град Часив Јар, иако не успеаја да влезат во него, истакна портпаролот. Часив Јар се наоѓа на висока локација и се смета како главен влез за преостанатите важни градови под контрола на Украина во Донбас, кои Русија се обидува целосно да ги освои по големата инвазија во февруари 2022 година.

Украинските трупи се послаби во бројност и оружје, но нивниот морал значително порасна откако САД конечно потпишаа одлука оваа недела за испраќање голем пакет помош, кој вклучува и воена помош.

Волошин рече дека Украина очекува странска воена помош, вклучително и муниција, гранати и оружје, што би можело да овозможи пресврт на ситуацијата на фронтовите во Бахмут и Авдијевка и другите воени зони.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е можно Русија да подготвува офанзива кон крајот на мај или во јуни.

Ројтерс не можеше самостојно да ги потврди изјавите на Волошин за ситуацијата на фронтот.

Г. Т.