Непречено тече откупот на тутунот во Прилеп. Производителите ги носат договорените количини на вагите, но го оспоруваат она што сметаат деке не е реално проценето.
Откупната кампања ја следи Државниот земјоделски инспекторат. Според директорот на Инспекторатот, Зоран Шапуриќ, од вкупно 90 приговори од почетокот на кампањата, само вчера се поднесени 21, а пристигнуваат и денеска.
– Само вчера во земјава се купени 440 тони по просечна цена од 167 денари. Тоа е благ пораст од почетната од 162, па 164, 166 денари. Досега вкупно се откупени 2 390 тони. Повеќе од половината досега поднесени приговори се позитивно решени. Ние будно ја следиме ситуацијата на теренот, а веќе има и денеска приговори, изјави Шапуриќ.
Откупната цена бележи благ пораст од почетната, а досегашна придобивка од договороте е што одбитоците се сведени на пет проценти.
Од Тутунаскиот комбинат – Прилеп информираат дека досега откупиле околу 400 тони по цена од 177 денари за килограм.
Сојузот на земјоделски здруженија ги повика поверениците на вагите да ја следат ситуацијата со откупот и секое нереално ценење да се пријавува и да се решава.