Мерката државна помош за исплата на плати, Владата планира да ја замени со бескаматни кредити за компаниите. Наместо субвенција од 14.500 до 21.770 денари по работник, компаниите ќе имаат на располагање бескаматни кредити со грејс период од 12 месеци и период на отплата од три години со вклучен грант од 30 проценти, доколку се исполнат одредени критериуми. Ова денеска им било соопштено на членовите на Социјално – економскиот совет од страна на вицепремиерт Фатмир Битиќи. Од Организацијата на работодавачи велат дека ваквата измена на оваа мерка ќе го остави стопанството на милост и немилост.
– Advertisement –
„Првата работа што ја разбравме е тоа дека Владата на еден начин сака поранешната подршка за исплата на плати да ја замени со бескаматни кредити кои под одредени критериуми се претвориле во грант. Образложанието зошто вака Владата смета, беше дека оваа мерка исцрпува најмногу финансиски средства и најголемиот дел од претходните четири пакети се отидени во оваа мерка“, рече Ангел Димитров – Организација на работодавачи.
Од Стопанската комора велат дека немаат информација до каде е дефинирањето на петтиот сет и што конкретно ќе содржи.
„Сѐ уште трае фазата на разговори со Владата, конкретно конципирање на конкретни предлог мерки. Се уште нема ќе оставиме простор бидејќи Владата ги најави за време на викендот дека се уште е во тек со преговорите со засегнатите страни“, рече Даниела Михајловска Василевска – Стопанска комора.
Заеднички став на стопанските комори, но и на синдикатите е продолжување на мерката за субвенционирање на плати како непходна за спас на работните места. Неофицијално, пакетот ќе содржи 20 мерки и за него ќе бидат одвоени 50 милиони евра. Меѓу мерките презентирани во драфт верзијата биле и веќе најавените мерки од премиерот Зоран Заев, како бришење на камати на граѓаните за долгови кон државните претпријатија, а главницата да се исплаќа на рати, како и поддршка на хотелите надвор од туристичките места и помош за тутунарите.
Андреа Чобанова