Хадис Наџафи, 20-годишна девојка застрелана и убиена од безбедносните сили на Иран, стана најновиот симбол на трагедијата, изливот на тага и пркосот што ги карактеризира националните протести во Иран од нивното започнување на 16 септември, пишуваат иранските медиуми.
Новинарката и застапничка за правата на жените Масих Алинеџад ја објави смртта на Наџафи на 25 септември, објавувајќи го нејзиното име и видео заедно со деталите за нејзината смрт: шест пати застрелана од властите откако си ја врза косата без шамија и смело зачекори среде протестот во Карај.
Сликите и видеото на Хадис се широко споделени на социјалните мрежи. Според извештаите на медиумите, таа се здобила со повреди во стомакот, вратот, срцето и раката на 21 септември.
По нападот на безбедносните сили била пренесена во болницата Гаем, каде подоцна починала.
Официјалните медиуми во Иран објавија дека 35 лица загинале за време на неодамнешните протести, но неиранските медиуми и други неофицијални извештаи инсистираат на тоа дека бројот на загинати е многу поголем.