По неколкумесечните несогласувања, турскиот опозициски блок составен од шест партии го назначи лидерот на најголемата опозициска партија, Кемал Киличдароглу, за заеднички кандидат кој на претседателските избори во мај ќе се натпреварува против актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Опозициската алијанса наречена „Сто за шест“ го избра лидерот на просекуларната умерена лева партија Републиканска народна партија (ЦХП) за свој лидер, неколку часа откако вториот најважен член на коалицијата се согласи на компромисно решение и се врати во опозицискиот сојуз.
Познат како „Ганди Кемал“ или „турскиот Ганди“ поради неговата сличност со индискиот лидер за граѓански права Махатма Ганди, 74-годишниот Киличдароглу важи за целосна спротивност од Ердоган.
Опозицискиот блок вети дека ќе ја врати парламентарната демократија во Турција доколку го симне Ердоган од претседателската функција, со што ќе се стави крај на претседателскиот систем што тој го воведе. Алијансата најви најави укинување на голем број одлуки на Ердоган во секторите економија, граѓански права и надворешна политика.
Претстојните избори се најтешкиот тест за 20-годишното владеење на Ердоган, кој се соочува со економски потешкотии и жестоки критики за неадекватниот одговор на владата на последиците од катастрофалните земјотреси во кои загинаа 45 000 луѓе на југоистокот на земјата, а срамнети со земја беа цели населени места.