Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во вторник ќе објави дека е „кандидат за претседателските избори“ во 2024 година, потврди вчера неговиот близок советник.

Advertisements

Магнатот за недвижности претходно навести дека би можел да се кандидира, ветувајќи „голема објава“ од неговиот дом во Флорида во вторник, јавува Франс прес.

Поранешниот претседател Трамп „ќе објави во вторник дека е кандидат за претседателските избори. И тоа ќе биде многу професионална, многу уредна најава“, рече неговиот советник Џејсон Милер во подкастот „Воена соба“ на Стив Банон, друг близок пријател на Доналд Трамп.

76-годишниот републиканец смета дека прашањето за неговата кандидатура „не треба ни да се поставува“, објасни Милер. Иако влијанието на Трамп врз Републиканската партија останува непобитно, тој излезе ослабен од среднорочните избори во вторникот кога не успеаја многу негови истомисленици.

Спротивно на тоа, гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, новата ѕвезда на цврстата десница, беше триумфално реизбран. Таа победа го зацврсти неговото место како потенцијален предизвикувач на поранешниот претседател за републиканската номинација.