Пожарот на хрватскиот остров Брач и натаму е активен и не е ставен под контрола, а според првичните проценки досега се опожарени околу 1.500 хектари трева, ниска вегетација, макија и шума, соопштија денеска хрватските противпожарни служби.

Во текот на изминатата ноќ биле загрозени неколку објекти, кои пожарникарите успешно ги одбраниле, а во моментот тие се ангажирани и на заштита на познатиот манастир во пустината Блаца, изјави за Хина противпожарниот командант на островот Брач, Никола Мартиниќ. Тој додаде дека огнот се движи кон запад и југозапад, во правец на подрачјето на општина Милна.

Според Противпожарниот оперативен центар на Брач, на теренот се ангажирани 190 пожарникари кои го гаснат пожарот во подрачјето околу рибникот кај Милна, откако во текот на ноќта пристигнала помош од колеги од Дубровничко-неретванската, Шибенско-книнската и Задарската жупанија. Во гаснењето се вклучени и три канадери.

Претходно, Хрватската противпожарна заедница соопшти дека во текот на ноќта на терен биле дежурни 134 пожарникари со 36 возила.

Пожарот избувна во четвртокот доцна навечер, а справувањето со огнената стихија цело време го отежнува ветерот, кој постојано го менува правецот и го разнесува огнот, пренесе Хина.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.