Почитувањето на меѓународно признаените граници и дијалогот меѓу земјите од регионот се најдобриот начин да се има стабилност на Западен Балкан, категоричен беше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој одби да ги коментира таканаречените „словенечки“ нон-пејпери, но истакна дека промената на границите ќе ја загрози стабилноста во регионот. И претседателот Пендаровски ја отфрли идејата за промена на границите, како премногу опасна.
„Веруваме дека НАТО игра важна улога во стабилноста на регионот, преку членките како Црна Гора, Северна Македонија, Албанија, Хрватска и Словенија и партнерите, вклучително и Србија, со која работиме, иако јасно изјави дека нема намера да влезе во НАТО. Ние работиме со Босна и Херцеговина на нејзиното членство во НАТО. Она што ни треба е дијалог, така што со години го поддржувавме дијалогот меѓу Приштина и Белград“, рече Столтенберг.
Столтенберг го охрабри конструктивниот дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија за надминување на билатералните разлики, потсетувајќи дека токму договорот меѓу земјата и Грција и овозможи на земјата да влезе во НАТО.
„НАТО е сојуз на 30 сојузници од двете страни на Атлантикот, со различна историја, различни политички партии на власт. Отсекогаш имало разлики меѓу сојузниците на НАТО, но НАТО е платформа каде што тие можат да се вклучат во конструктивен дијалог. Затоа НАТО промовира дијалог меѓу сојузниците кога има разлики“, додава Столтенберг.
За време на состанокот во Брисел, Пендаровски и Столтенберг разговараа за реформите на земјата во одбраната, вклучително и зголемување на буџетот за овој сектор, како и заеднички операции и активности во услови на пандемија и закани од Русија и Кина.
Анеса Салиху