Специјалниот едукатор и рехабилитатор е стручен човек кој има „супер моќ“, вели младата стружанка, која следејќи си го сонот отворила свој Центар за рана интервенција и стимулација на деца и возрасни во Скопје.
Стефанија Трајческа е родена во Струга во 1997 година, дипломирала на Институтот за дефектологија при Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а 2021 година, вели, дека за неа е најуспешна година, кога се стекнала со назив дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор. Моментално ги завршува постипломските студии на одделот на интелектуална попреченост и аутизам. Во едукација е на семејна и системска психотерапија, а работи во нејзиниот Центар за рана интервенција и стимулација на деца и возрасни – Тимот А. Редовно води дневник и пишува поезија.
– Кога бев дете бев посочувана, пред сè од мојата учителка индиректно, како негативен пример.
Можете да замислите колкава болка му била нанесена на едно дете кое се наоѓало во развоен период? Додека сум жива тоа ќе го носам во мене, затоа што мозокот на едно дете е како сунѓер кој сè впива. Зад мене секогаш стоело моето семејство. Мојот суперхерој, мојата Ахилова пета, најголема љубов, прва љубов и најверен другар е мојот татко, за него имам и книга напишано. Зошто? Затоа што никогаш не носев дијадема, а бев принцеза. Затоа што ме научи да бидам вредна, храбра и скромна – вели нашата соговорничка Стефанија.
Постои ли некое случување од твојот период на развој кој влијаеше во изборот на професијата?
– Не. Знаев и бев убедена во тоа што сакам да бидам. Само мајка ми беше единствена која ме поддржуваше за оваа професија. Илјада животи да имам, илјада пати ќе го одберам ова. Да се работи нешто што се сака, не се купува со ниту една валута на овој свет.
Што поточно значи специјален едукатор и рехабилитатор? Каде и како се стекнува таа професија?
– Специјалниот едукатор и рехабилитатор е стручен човек кој има „супер моќ“. Ние пред сè треба да ја откриеме функционалната страна, односно функционалните способности на личноста, со цел да ѝ обезбедиме ран третман, рана рехабилитација и рана едукација. Работиме со лица од аутистичен спекатар, специфични тешкотии во учењето, лица кои имаат проблеми со слухот, или со видот, телесно инвалидни лица, лица со емоционални проблеми, лица со проблеми во социјалното однесување, интелектуална попреченост и со стари лица. Исто така специјалниот рехабилитатор и едукатор прави проценки и на деца што се родени со ризик-фактор или со мала родилна тежина, како и дечиња кои имаат потреба од стимулација.
Да се одбере ваква одговорна професија и да се има храброст на толку млади години да се работи на ова поле, кај нас во Македонија, е реткост, особено кога отвораш сопствен центар. Со кои предизвици се соочуваше додека го основаше Тимот А? Дали тешко ја стекнуваш довербата кај клиентите, со оглед на тоа што си премногу млада?
– Токму така. Јас сум многу млада, меѓутоа корените кон оваа насока се уште од моите 15 години кога започнав со волонтирање во една институција во Струга. Веднаш штом се запишав на факултет почнав да работам со деца. Во текот на моето студирање работев како личен асистент во основно училиште на дете со специфични потреби, а потоа како образовен асистент.
Уште пред да дипломирам се вработив во центар за психофизичко здравје каде што постигнав максимални резултати. За напредокот на едно дете се вложувам со сета моја љубов, енергија и знаење, а напредокот јасно се гледа. Секогаш соработувам со родителите, тие се мои најдобри партнери и сум тука за нив во кое било време. Јас сум човек кој се приврзува за луѓето, со родителите и приватно функционираме одлично. Нема ништо поубаво од родител кој гледа напредок кај своето дете, тоа е мојата мисија на овој свет, тоа е мојата професија.
Која е твојата најголема поддршка низ сиот овој процес? Имаше ли момент кога посака да „кренеш раце“ од сè и да се откажеш?
– Моето семејство. Тука во Скопје, во овој период постојано бев со мојата сестра и со моето момче кое неуморно беше мојата најголема поддршка. Да се откажам не помислив никогаш бидејќи бев свесна дека патот до успехот никогаш не е лесен. Посебно јас, од Струга, тука во големиот град… Баба ми вели „за паметни и чесни личности секогаш универзумот се врти на најдобро!“. Јас сè уште го градам тој пат заедно со мојата партнерка Викторија. Секако тука се и моите пет пријателки, како и моите најблиски од далечната Америка кои неизмерно ми недостасуваат.
Што значи рана интервенција и како е таа можна кај возрасните?
– Кога станува збор за рана интервенција, подразбираме спречување на прогресија на симптомите, односно прогресија на самата болест или состојба. Со возрасните лица обично работиме на подобрување како и на стимулација кога имаме вродена или, од рано детство, стекната состојба. Затоа раната интервенција се однесува на помладите клиенти повеќе отколку на возрасните.
Што е клучно според тебе за успешен третман на лицата со аутизам?
– Терапевтите кои одлучиле да се занимаваат со оваа проблематика или веќе го прават тоа, советувам секогаш да се во однос со аутизмот, максимално, односно постојано да пребаруваат и да учат за него. Се вели дека, доколку еден човек запознае едно дете со аутизам, тој запознал само едно дете со аутизам. Затоа што никаде на овој свет не постои исто такво дете со аутизам. Секое дете со аутизам е приказна за себе и секое дете пројавува посебна клиничка слика. Затоа, пред сè, опсервирајте го детето, воочете што тоа дете сака, а што не, како реагира на еден стимул, како на друг и слично, а потоа пристапете со третман. Откријте што знае детето и што може да направи, за да компензирате со она што не го знае и пристапете со соодветен метод на работа.