
Белград и Приштина треба веднаш да ги намалат тензиите на терен и да работат на изнаоѓање европско решение за проблемот со регистарските таблички, изјави во Брисел портпаролот на Европската унија Петер Стано и нагласи дека „има јасна обврска Приштина веднаш да преземе чекори кон формирањето на Заедницата на српските општини“.
Според Стано, „опасната ескалација“ на терен го доведува во прашање сето она што е постигнато во текот на годините со работа на нормализација на односите.
„Сегашната ситуација може да има последици не само за Белград и Приштина, туку и за стабилноста на целиот регион. Ги повикуваме двете страни да бидат одговорни и да најдат европско решение за проблемот“, вели Стано.
Тој додава дека формирањето на Заедницата на српски општини е дел од правно обврзувачкиот договор за Косово.
„Одбивањето да се работи на него претставува поткопување на владеењето на правото и му штети на угледот и кредибилитетот на Приштина“, додава Стано.