Лекарите од Универзитетската болница „Гемели“ во Рим продолжуваат да ја следат состојбата на папата Франциск по операцијата на дебелото црево, особено откако синоќа имал мала треска, соопшти денеска портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, пренесе ДПА.
Лекарите утринава повторно ги прегледале градите и стомакот на папата со компјутерски томограф (КТ).
Ватикан, исто така, соопшти дека терапијата на папата Франциск продолжува според планираното.
„Неговата Светост, папата Франциск, мина тивок ден, јадеше и се движеше без помош“, се наведува во соопштението од Ватикан, во кое се додава дека вчера попладне „тој сакаше да ја искаже својата татковска грижа за младите пациенти од одделенијата за детска онкологија и детска неврохирургија, испраќајќи им ги своите топли поздрави“.
Папата Франциск беше примен во болницата минатата недела заради планирана операција за стеноза на цревата. За време на операцијата, што траела три часа, лекарите отстраниле дел од дебелото црево на папата.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.